сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    Има ли Северна Македонија механизми за амортизирање на „струјниот удар“?

    Премиерот уверува дека државата ја држи стабилна цената на електричната енергија, додека од Стопанската комора предупредуваат дека, покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање што ќе не окупира цело време

     

    Државата има механизми да ја држи на стабилно ниво цената на струјата, тврди премиерот Зоран Заев, коментирајќи за скокот на цените на енергенсите на глобално ниво.

    Според Заев, државата ја држи стабилна цената на струјата на домаќинствата, затоа што нашиот модел е либерализација со постепено отворање кон граѓаните. Во моментот, вели, државата има обврска да обезбедува околу 60 до 70 проценти од струјата, а останатите до 100 проценти ги субвенционира.

    ИНТЕРВЈУ: Поради пандемијата лани „падна“ цената на струјата, но сега имаме обратен тренд

     

    Трендот на берзанско покачување на струјата, вели Заев, беше видлив уште во првото полугодие и Владата презема соодветни активности, како што е намалувањето на ДДВ на електричната енергија од 18 на 5 проценти. На тој начин, како што рече, се амортизирани дел од трошоците што би паднале на товар на граѓаните, ако државата не интервенира.

    „Вториот дел е директната интервенција што државата ја прави со енергетскиот производител ЕСМ, за да можеме да држиме стабилна цена на струјата на домаќинствата, иако таа е неколкупати зголемена. На два начини правиме субвенционирање. Директно го помагаме ЕСМ, за да може производната разлика со таа за граѓаните да ја платиме од буџетот, а вториот дел е субвенционирање на цената што се набавува на отворен пазар, за до 100 проценти да се покријат домаќинствата. И така ќе продолжиме“, изјави Заев.

    Северна Македонија, согласно Енергетската економска заедница, како што посочи Заев, е отворен пазар и моментно компаниите и јавните институции набавуваат струја на отворен пазар.

    „Нормално, овде правиме дополнително алоцирање на буџетски средства за болниците, школите и градините, кои набавуваат многу поскапа струја од порано или од периодот кога биле планирани овие буџетски средства.  И секако дека за 2022 година ќе ги очекуваме тековните случувања, но јасно е дека со политиките за климатските промени и инвестициите во обновливи извори на енергија се обидуваме и ние како држава да обезбедиме поголеми количини на зелена енергија по конкурентни цени, за на подолг рок да ја ублажиме ваквата тенденција“, вели Заев.

    Тој посочува дека е евидентно дека во светот цената на струјата и во иднина ќе биде многу висока, затоа што се повеќе се затвораат централите на јаглен, а се повеќе  расте побарувачката на електрична енергија. Природниот гас порасна во вредност, а секако и останатите енергенси за производство на струја. Затоа, вели, како Влада сериозно сме посветени на максимално помагање од економско-социјален аспект на нашите домаќинства. Имаме план, како што нагласува, до 2030 година да бидат затворени сите термоцентрали на јаглен во државата и затоа фокусот е на зелена енергија од ветерници, хидро и фотоволтаични централи.

    Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески предупреди дека, покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање што ќе не окупира цело време.

    Азески укажа дека цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта за последните 12 месеци порасна од 57 евра за мегават час на 1 јануари до 138 евра за мегават час на 27 септември годинава. Според сите релевантни информации, причини за ова се: зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи. Оттука, нагласува, почнува и проблемот со кој веројатно ќе се занимаваме подолг период.

    Според него, искуствата од пандемијата не учат дека во вакви кризи секој се свртува кон себе, а меѓународната солидарност е второстепена.

    Францускиот премиер најави замрзнување на цените на гасот

     

    „Деновиве сум пренатрупан со писма од компаниите членки на Комората на кои им се откажуваат договорите за снабдување, уредно потпишани, навреме договорени, кои го рушат основниот принцип на нашата работа, а тоа е предвидливоста. Енормниот пораст на цените на суровините во изминатиот период, но и порастот на влезните елементи кои ја креираат производната цена на електричната енергија се иницијалната каписла за моменталните берзански цени кои достигнуваат до 185 евра за мегават час“, вели Азески.

    Минатата недела, потсети тој, и Регулаторната комисија за енергетика даде изјава дека забележува незаконско откажување на договорите за снабдување на своите клиенти, додека другите го злоупотребуваат системот за балансирање на енергија на МЕПСО, така што не ја номинираат потребната количина електрична енергија за своите клиенти. Ова може да доведе до дестабилизација на електро-енергетскиот систем во земјата. Затоа, Регулаторната комисија почна да ги одзема лиценците на снабдувачите и ги предупреди сите останати да ги исполнат своите обврски кон клиентите, при тоа не злоупотребувајќи го системот за снабдување на МЕПСО.

    РКЕ почна постапки за одземање на лиценците на двајца снабдувачи со електрична енергија

     

    „Нашите внатрешни информации велат дека нема проблеми со снабдувањето со гас, бидејќи договорите важат до први јануари, што гарантира стабилност до почетокот на следната година. Инаку, цената на гасот кај нас во моментов, е четири пати помала од цената на гасот во Европа постигната во последните три дена на Холандската берза“, додава Азески.

    Лидерите на ЕУ на претстојниот самит ќе разговараат за зголемените цени на енергијата

     

    Тој презентира и конкретни мерки што, според него, би ја превенирале ситуацијата.

    „Прво, подигањето на домашното производство на електрична енергија. Второ, РКЕ мора да биде на висина на задачата и енергично да дејствува за да се престане со манипулативното откажување на договорите, со конкретни мерки кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците, со трајна забрана на вршење на ваква дејност. Трето, бидејќи се наоѓаме во период кога компаниите ја проектираат својата позиција за наредната година, што побрзо мора да се излезе со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите понатаму, како би можело тоа да биде вградено и во проекциите на самите компании. Четврто, и на обичните луѓе совршено им е јасно дека цената на енергенсите директно влијае врз цената на производот и услугата, а со неконтролираниот порастот на цените на производите и услугите, лесно може да настанат проблеми и на макроекономски план“, наведува Азески.  (Р.С.)

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ