петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Ковачевски: Ако имаше можност да се изгради Чебрен со сопствени средства, досега ќе се изградеше

    Премиерот Димитар Ковачевски во однос на забелешките на Здружението на инженери дека со давањето на Чебрен на странска компанија се нарушува електроенергетската независност на државата вели дека доколку би постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш тоа досега би било направено.

    – Такви дискусии се воделе 40 години, бидејќи овој проект е стар 40 години колку што се сеќавам имаше и 13 неуспешни тендери коишто дури даваа и подобри услови за оној кој би ја добил можноста за градење на ревизибилната хидроцентрала, меѓутоа од различни причини не успеале претходно. Така што, доколку постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено, изјави денеска Ковачевски.

    Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека во изминатите години не видел иницијатива за овој проект од експертите кои имаат забелешки.

    Смета дека кога странски компании инвестираат во вакви значајни проекти, бенефит ќе има државата затоа што ќе се изгради голем инвестициски проект со финансиски средства што ќе дојдат од надвор.

    – Вие знаете дека имаше една иницијатива во минатото за изградба на гасна централа во Александрополи каде што експертите велеа дека Македонија не треба да инвестира во странство. Сега, експертите велат не треба странците да инвестираат во Македонија, така што се работи за прилично тавтолошки пристапи, рече Ковачевски.

    Прашан дали знае на што се жали грчката компанија која го доби тендерот за Чебрен, Ковачевски упати на Министрерството за животна средина и просторно планирање кое, како што рече, е задолжено за спроведување на документацијата.

    На тендерот за изградба на Чебрен беше избрана грчката компанија „ППС“.

    Здружението на инженери на Македонија бара да се замрзне потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за Чебрен сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања. Оттаму изразуваат сомневање дека се направени низа суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектрани на Црна Река. Со давањето под концесија на странска компанија, сметаат експертите, се загрозува енергетската независност на државата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ