недела, октомври 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Бислимоски: Укинувањето на мрежарината од 200 денари ќе ја поскапи струјата

    Доколку се укине надоместокот од 200 денари за приклучок на мрежа цената на електричната енергија во првиот блок ќе се зголеми за 9,03 проценти, во вториот блок за 7,78, во третиот за 6,4 и во четвртиот блок за 3 проценти, додека цената на електричната енергија во евтината тарифа ќе порасне за 14,53 проценти. Ова денес на прес-конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, кој, иако не го спомена, сепак, индиректно реплицираше на најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека доколку формира влада ќе го укине овој надоместок.

    Вчера, на промоцијата на изборната програма на партијата „Платформа 1198“, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски, меѓу другото рече дека ќе ја укине тарифата за пристап на мрежа.

    „Има една такса која од оваа година РКЕ почна да ја наплаќа, а тоа е пристапот на мрежа, тоа е како да наплаќа некој пристап на тротоар, пристап на улица, пат. Тие одлучиле да наплатат пристап на мрежа за да обезбедат повеќе пари, а да не кажат дека ја поскапеле цената за граѓаните. Ние тоа ќе го укинеме, сепак 200 денари можеби не значи многу месечно, но кога тоа ќе се мултиплицира е доволна заштеда за семејниот буџет“ кажа Мицкоски.

    Според Бислимоски, надоместокот од 200 денари не обезбедува никакви екстра профити за учесниците на пазарот на електрична енергија, бидејќи моделот предвидува регулиран максимален приход кој што се определува за компанијата „Електродистрибуција“ која што врши дејност за дистрибуција на електрична енергија.

    Бислимоски уште нагласи дека ваквите надоместоци се во исклучива надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, а не на политичките партии.

    -Ниту некоја партија претходно ја вовела евтината тарифа, ниту пак некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа. Тоа исклучително може да го направи РКЕ и тоа го правиме врз основа на факти, врз основа на бројки кои што секогаш треба да ги штитат интересите на најголемиот дел од домаќинствата-, рече Бислимоски.

    Претседателот на РКЕ исто така предупреди дека како ќе поминува времето, потрошувачката на електрична енергија сѐ повеќе ќе се намалува. Минатата година имало најниска потрошувачка, а предвидувањата за 2024 година се дека ќе има уште пониска потрошувачка. Причината е поставувањето на многу фотоволтаици на покриви на компании, а започнува сериозен тренд и кај домаќинствата, што ја намалува потрошувачката на електрична енергија.

    -Јасно е дека фотоволтаици на своите покриви ќе постават тие што имаат пари. Тие што немаат не може да постават фотоволтаици. Не сметам дека на некој што поставил фотоволтаик и инвестирал од 4,5 до 5 илјади евра му е проблем да плати 200 денари. Доколку не ги плаќа тие 200 денари цената на евтината струја за овие што не поставиле фотоволтаици треба да ни се зголеми за речиси 15 проценти-, рече Бислимоски.

    Нагласи дека реформите што ги воведе РКЕ во делот на ценовната регулатива даваат резултати.

    -Воведувањето на блок тарифите во средината на 2021 година ја постигна целта, имајќи во предвид дека потрошувачката на електрична енергија за домаќинствата во 2023 споредено со 2021 година е намалена за 10 проценти. Како резултат на воведувањето на евтината тарифа во јануари 2024 година, потрошувачката на електрична енергија во евтината тарифа е зголемена за 18 проценти. Значи, 18 проценти од електричната енергија што била во скапа тарифа сега се пресметува во евтина тарифа, односно ако во јануари 2023 потрошувачката била 169 гигават часови во јануари 2024 година таа потрошувачка е 199 гигават часови-, прецизира Бислимоски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ