сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    ДДВ за струјата за домаќинствата падна на 5 проценти

    Намалената стапка ќе се применува од денот на стапување на сила на законските измени, по нивното објавување во „Службен весник“ до 30 јуни 2022 година

     

    Даночната стапка за промет на електрична енергија кон домаќинствата се намалува  од 18 на пет проценти, согласно со измените на Законот за додадена вредност што ги донесе Собранието.

    Намалената стапка ќе се применува од денот на стапување на сила на законските измени, по нивното објавување во „Службен весник“ до 30 јуни 2022 година, односно во период од приближно една година. Од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електрична енергија кон домаќинствата. Потоа, како што е предвидено, се враќа ДДВ од 18 проценти,

    Целта на воведување на повластените даночни стапки е да се оневозможи драстично поскапување на струјата, по барањата на енергетските компании за повисоки цени на нивните услуги.

    БИСЛИМОВСКИ ЗА БАРАЊАТА НА ЕНЕРГЕТСКИТЕ КОМПАНИИ: НА СМЕТКА ОД 1 000 ДЕНАРИ ПОСКАПУВАЊЕТО БИ БИЛО ЗА 50 ДЕНАРИ

     

    За намалување на ДДВ за струјата за домаќинствата гласаа и пратениците од опозицијата, Сепак, според ВМРО-ДПМНЕ, даночната стапка од 5 проценти треба да важи за сите. И за граѓаните, но и за индустријата.

    Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, иако гласаше за законските измени, посочи дека електричната енергија не треба да биде евтина, затоа што тоа доведува до  поголема потрошувачка. Таа рече дека, сепак, се согласува дека во овој момент, заради корона кризата и јасната социоекономска криза, како во светот, така и кај нас, се потребни можеби вакви стимулативни мерки и поддршка за граѓаните за да не го почуствуваат тој удар.

    Регулаторна комисија за енергетика ја поздрави одлуката за намалување на процентот на ДДВ за струјата.

    „РКЕ ќе продолжи да креира иницијативи кои треба низ соодветен институционален пат да донесат решенија за заштита на животниот стандард кога се во прашање потрошувачите, што практично се покажа и со денешното носење на законските измени кои потекнаа од нашата иницијатива што ја покренавме пред една година, со кои се намалува ДДВ-то за електрична енергија за домаќинствата“, истакнува во пишана изјава Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија.

    Тој апелира сега фокусот да се насочи кон проширување на опфатот на ранливи категории – кои треба да бидат сет на прецизно идентификувани категории на домаќинства на кои им е потребна парична помош со која ќе се намалат сметките за електрична енергија, како што се пензионерите кои се во категоријата на најниски пензии.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ