вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Черепналкоски Од ЕДС: Дури и војната да заврши набргу и цената на струјата да се стабилизира, не очекувам да се спушти под 100 евра за мегаватчас

    „Дури и најоптимистичките очекувања дека воените дејства во Украина би завршиле набргу и би се случила стабилизација на енергенсите, не очекувајте цените да се стабилизираат на нивото од пред кризата. Пред оваа сигурносна криза, светот претрпе и здравствена криза во текот на која цената на електричната енергија падна и до 19 EUR/MWh. Новото нормално не очекувам да биде под 100 EUR/MWh – магична цена за која во минатите неколку години се сметаше дека е непријатно висока “ вели Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг во компанијата ЕДС, во интервјуто за порталот Фактор.

    Черепналкоски потенцира дека цените на енергијата нема да можат да растат во недоглед, од проста причина што во даден момент кога индустриите ќе ги исцрпат финансиските резерви кои се спремни да ги потрошат за да санираат акутен проблем, ќе почнат да ги затвораат погоните и да го стопираат производството со што побарувачката на енергија ќе опадне а со тоа и растот на цените ќе се ограничи.

    „Стопанствениците знаат многу добро колкава штета се предизвикува со привремено запирање на производствените процеси, расте несигурноста и нервозата кај вработените кои треба привремено да ги напуштат работните места, се раскинуваат договори со добавувачи кои потоа потешко или по полоши услови се обновуваат итн.
    Одново, неблагодарно е и скоро невозможно да се каже дали најтешкото е зад нас. Но, доколку Европа во текот на оваа грејна сезона успее да покаже дека се обезбедила со доволни количини на природен гас и потрошувачите успеат да се придржуваат до предложените мерки за заштеда на гасот дури и по цена да се откажат до извесна мера од својот комфор на кој Европа е навикната, тогаш сметам дека без разлика дали кризата ќе трае до крај на грејната сезона или би спласнала порано, Европа ќе покаже способност да се справи со овој тип на политички/безбедносни предизвици. Таквиот посакуван исход од своја страна ќе значи зголемена доверба во енергетските пазари и избегнување на волатилност на цените на енергенсите каква што гледаме сега“ вели тој.

    Каков удар е скапата струја за македонското стопанство?

    Оваа криза, страшна по својата природа, се случи во најтежок можен момент за македонското стопанство, вели Черепналкоски.

    „Само што почна да се гледа какво-такво опоравување од пандемијата Ковид-19, се случи ценовен шок за целиот спектар дејности – дури и транспортниот сектор кој нема голема потрошувачка на електрична енергија или природен гас беше засегнат поради порастот на цените на нафтените деривати.

    Што се однесува до ефектот кој врз македонското стопанство го предизвикува оваа криза, нема потрошувач кој ќе остане без последици. Секој сегмент од стопанството трпи последици. Дури и ако некоја фирма нема изразита потрошувачка на електрична енергија, секако ќе се соочи со поскапени услуги и сервиси од други нивни добавувачи чии цени се зголемени како последица на финансиско-енергетската криза.

    Најголем предизвик на македонските производители ќе биде зачувување на тешко стекнатата конкурентност на странските пазари и нивното ре-позиционирање на тие пазари во новото опкружување. И овој предизвик би рекол ќе биде привилегија за оние кои ќе ја пребродат кризата, бидејќи, за жал, очекувам производители чие учество на електричната енергија во финалниот производ е значително, да се соочат со поегзистенционални проблеми отколку ре-позиционирање на пазарите“ вели тој.

    Фирмите кои ќе добијат пониска цена на струјата треба да ги намалат цените на нивните производи

    Во врска со одлуките на Владата за обезбедување поевтина електрична енергија за јавните здравствени установи како и за производителите на основни прехранбени производи и префрлањето на обврската за снабдување на основните училишта и гимназиите врз универзалниот снабдувач, Черепналкоски вели дека станува збор збор за два ефекта.

    „Едниот ефект е одземање на дел од портфолиото од комерцијалните снабдувачи. Во името на ЕДС можам да кажам дека ние не гледаме на овој ефект како на проблем. Точно е дека во нашите деловни планови оваа продажба ќе биде загубена, но исто така е точно дека со преземањето на овие потрошувачи (особено во сегментот на јавните институции) државата во извесна мера го елиминира нашиот ризик да ни се зголемуваат ризичните побарувања. Конечно, сите разбираме дека наведените јавни и приватни претпријатија се со таква дејност што нивното изложување кон зголемени трошоци за енергија го отежнува животот на сите граѓани.

    Вториот ефект е зголемениот товар врз буџетот на државата. И преземањето на обврската за снабдување од страна на универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме), и пренесувањето на обврската за снабдување кон ЕСМ Продажба ќе значи дополнителен притисок врз регулираните цени за домаќинствата и малите потрошувачи, но ќе значи и дополнителни финансиски загуби за ЕСМ АД. Согласен сум со ставот на РКЕ дека преземањето на обврските во поголема мера од страна на ЕСМ Продажба е финансиски пооправдано отколку товарот да се прелее на регулираниот пазар.

    Во секој случај, во вакви времиња, одлука која во основа е непопуларна е секако храбра одлука. Се надевам дека во контекст на ваквата одлука, и самите приватни компании кои ќе бидат предмет на ова најавено олеснување, симетрично ќе постапат и ќе ги нивелираат цените на основните прехранбени производи кон нивните реални трошоци за енергија“ потенцира Черепналкоски.

    Според него, најголем предизвик на македонските производители ќе биде зачувување на тешко стекнатата конкурентност на странските пазари и нивното ре-позиционирање на тие пазари во новото опкружување.

    „И овој предизвик би рекол ќе биде привилегија за оние кои ќе ја пребродат кризата, бидејќи, за жал, очекувам производители чие учество на електричната енергија во финалниот производ е значително, да се соочат со поегзистенционални проблеми отколку ре-позиционирање на пазарите“ вели Черепналкоски.

    За предизвиците со јавните претпријатија кои не ги плаќаат своите обврски за потрошената струја

    И покрај фактот што акумулацијата на нефункционални побарувања, посебно во сегментот на јавните институции, може да предизвика опасност за целата балансна група на еден снабдувач, ЕДС сепак не дозволува проблематичните побарувања да наметнат ликвидносен проблем од толкави размери, рече Черепналкоски.

    „Долгот од јавните претпријатија претставува сериозна сума и ги зголемува финансиските трошоци на ЕДС, но ЕДС има доволна финансиска моќ која му обезбедува еластицитет во заштита на балансната група – да ги заштити сите останати клиенти кои редовно ги подмируваат своите обврски.

    Во справувањето со овие проблеми, ЕДС секогаш тежнее да обезбеди соработка со јавните институции и бараме начин да им излеземе пресрет, но секогаш инсистирајќи на взаемна почит. Сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува да предложи решение зад кое цврсто ќе застане, сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува максимално да ги исцрпи сите можности во нивна моќ да ги сервисира обврските.

    Комуналните претпријатија чија дејност претставува основна животна потреба на граѓаните, дури имаат и законска обврска да обезбедат инструмент за наплата на нивните обврски во полза на снабдувачот (како на пример банкарска гаранција) согласно членот 44 од Правилата за снабдување со електрична енергија. Но, праксата на нашиот пазар е оваа обврска да не се почитува ниту од самото комунално претпријатие ниту од нивниот основач, што за нив но и за граѓаните кои овие претпријатија ги опслужуваат, претставува опасност тие да бидат исклучени од мрежата и да не можат нормално да функционираат. ЕДС вложува крајни напори да се воздржи од посегање кон законски предвидените инструменти за наплата и да не ги стави граѓаните во состојба да не можат да ги уживаат неопходните услуги на комуналните претпријатија. Но, верувајте, одговорноста во овие случаи е секогаш на товар на јавните претпријатија“ посочи тој.

    Ако PPC стане концесионер на ХЕЦ Чебрен, С Македонија ќе добие најголема странска инвестиција и капацитет со снага од 333 MW

    Извршнот директор за продажба и маркетинг во ЕДС се надева дека тендерската постапка за доделување на концесијата за изградба на ХЕЦ Чебрен ќе заврши во предвидениот рок и ќе резултира со избор на PPC SA како концесионер. PPC е единствениот понудувач за изградба на хидроцентралата „Чебрен“.

    „Таквиот исход ќе значи максимална извесност дека еден стратешки објект на Црна река конечно ќе се реализира, и реализацијата ќе биде обезбедена од енергетски гигант каква што е PPC. Се разбира концесионерството ќе биде остварено како приватно-јавно партнерство во кое државната ЕСМ АД ќе биде партнер наспроти вклучувањето на ХЕЦ Тиквеш како средство во заедничката компанија откако ХЕЦ Чебрен ќе започне со работа.

    Изградбата на ХЕ Чебрен како и браната Орлов Камен (во зависност од избраната опција), за Македонија ќе значи повеќегодишен градежен зафат во кој ќе бидат вклучени огромен број градежни и други услужни и логистички компании. Проценетата вредност од околу 550 милиони евра секако ќе биде надмината бидејќи проценката на капиталната инвестиција е направена пред пандемијата а од тогаш на глобално ниво цените на транспортот, материјалите и енергијата се значително зголемени. Но, Македонија ќе добие нова огромна (веројатно најголема досега) странска инвестиција, а резултатот ќе биде хидро енергетски капацитет со инсталирана снага од 333 MW, со проектирано производство од 850 милијарди kWh годишно и со акумулација од скоро една милијарда кубни метри вода од која 80 – 100 отсто би претставувала годишна регулација согласно просечната хидрологија на Црна река.

    Вакви стратешки капацитети се планираат и се градат во подолг временски период, и затоа е многу важно Македонија да не губи време при реализација наостанатите стратешки објекти, како што е гасоводното поврзување со Грција и други идентификувани инвестиции во енергетиката“ вели Черепналкоски .

    Предвидувања за македонскиот енергетски пазар за наредниот период, и деловните планови на компанијата

    Во Македонија полека но сигурно се исцрпуваат домашните резерви на лигнит кои економично можат да се ескплоатираат. Со тоа, одржувањето во оперативен живот на ТЕЦ Битола зависи од физибилноста на транспорт на лигнит со слични карактеристики од северна Грција или од Косово, посочи Черепналкоски.

    „Без разлика дали би се обезбедил транспорт на начин кој нема премногу да го поскапи увезениот лигнит како основно гориво, факт е дека Европскиот континент води политика на затворање на електричните централи кои користат цврсти фосилни горива.

    Сегашната криза може за една или две години да ја одложи примената на таквата политика, но таа политика нема да се смени – тоа е јасно. Најмалку во земјите на Европската унија за една до еднаипол деценија, ќе нема производство на електрична енергија од централи кои користат цврсто фосилно гориво освен централи со CCS технологија – тоа е технологија на целосно зафаќање на стакленичките гасови од согореното цврсто фосилно гориво и нивно контролирано искористување и/или подземно складирање. Но оваа технологија е скапа па единствено најбогатите економии можат да си ја дозволат како форма на диверзификација на производните капацитети.

    Според тоа, Македонија исто така ќе биде исправена пред одлуката цврстото фосилно гориво да се замени со друго гориво – најверојатно со природниот гас. Се разбира Македонија не мора да брза со таа промена, но таа мора да почне да се планира и реализира веднаш. Со воведувањето на гасната технологија во РЕК Битола и ТЕЦ Неготино може да се зачува со децении граденото работно искуство на стручниот персонал во овие централи.

    Во таа смисла ЕДС АД веќе обезбеди лиценца за трговија со природен гас. Плановите на ЕДС вклучуваат позиционирање на пазарот за природен гас не само во Македонија туку и во регионот, како и обезбедување оперативна контрола врз поголеми извори на електрична енергија во и вон Македонија со цел менаџирање на поголемо производно и продажно портфолио кои со обемот стануваат поекономични, а нашата услуга поконкурентна­“ вели тој.

    ЕДС беше првата компанија која на своите клиенти на пазарот на мало почна да им нуди т.н. индексирани цени (цени врзани за HUPX индексот) уште од крајот на 2021 година.

    „Се покажа како исправна политиката на нудење енергија по индексирани цени бидејќи по месец август, кој како изолиран случај беше навистина поскап од останатите месеци, сега се случува период на релативно релаксирани цени, па нашите клиенти очекуваме да го плаќаат потрошениот мегаватчас по цена под 200 евра„ рече Черепналкоски.

    Тој вели дека ЕДС бележи тенденција на константен пораст на својот пазарен удел на македонскиот пазар на електрична енергија.

    „Поради наглиот пораст на цените на електричната енергија во втората половина од 2021 година, ЕДС доживеа и нагло зголемување на своето портфолио поради трендот помали снабдувачи да ги раскинуваат договорите за снабдување со своите клиенти. Очекувам ЕДС да ја заврши 2022 година со пазарен удел од над 30 отсто од слободниот сегмент на пазарот“ рече Черепналкоски.

    Целото интервју можете да го прочитате ТУКА

    НАЈНОВИ ВЕСТИ