петок, октомври 4, 2024
spot_img
Повеќе

    ИНТЕРВЈУ: Поради пандемијата лани „падна“ цената на струјата, но сега имаме обратен тренд

    Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг на  Енерџи Деливери Солушнс АД (Energy Delivery Solutions) вели дека оваа компанија ја набавува енергијата на начин кој ги гарантира цените според договореното за времетраење на целиот договор

     

    Либерализацијата на пазарот со електрична енергија во С Македонија е целосна, така што и домаќинствата можат да се снабдуваат од комерцијални снабдувачи по нивен избор. Но, тоа не се случува се уште,  затоа што регулираната цена на електрична енергија за домаќинствата е се уште пониска од пазарната

     

    Во светло на годинешново поскапување на струјата на регулираниот пазар за домаќинства, кое нема да се почувствува поради намалувањето на стапката на ДДВ, за состојбата на пазарот на електрична енергија разговараме со Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг во една од првите компании кои се занимаваат со трговија за електрична енергија Енерџи Деливери Солушнс АД (ЕДС – Energy Delivery Solutions).

     

    Дали мислите  дека е одбран најдобриот модел за либерализација на пазарот на електрична енергија, односно дали според вас тој модел добро функционира?

     Либерализацијата на пазарот на електрична енергија во С Македонија е процес започнат уште во 2008 година, кога најголемите потрошувачи во електроенергетскиот систем мандаторно мораа да излезат на слободниот пазар. Тоа беа големите топилници, железари, рудници, рафинеријата и Скопската цементарница. По овој прв бран либерализација, следеше вториот бран кој започна во април 2014 година со нови 250 компании (финансиски најмоќните компании во С Македонија), по што следеше постепена либерализација на целиот пазар, заклучно со 1 јануари 2019 година, кога и најмалите претпријатија и домаќинствата се стекнаа со правото сами да го одберат својот снабдувач со електрична енергија.

    Пазарниот модел во С Македонија, но и во целиот регион, е модел на билатерални договори со услуга за балансирање. Тоа значи дека трговците и снабдувачите со електрична енергија како и потрошувачите склучуваат билатерални договори за купопродажба на електрична енергија, додека преносните или пазарните оператори организираат пазар за балансни услуги со што електроенергетските системи се во рамнотежа во однос на испораката (потрошувачката и извозот) и набавка (производството и увозот) на енергија. Овој пазарен модел е досега најиздржан модел на пазарите со електрична енергија и го користи скоро цела Европа.

     

    Зошто компанијата ЕВН беше избрана за универзален снабдувач, дали вие како учесник на тендерот и  другите фирми имате забелешки на таквото решение?

    Терминот „универзален снабдувач“ е една функција која, во наредните пет години, ќе ја извршува ЕВН Хоме. Универзалниот снабдувач ги снабдува оние потрошувачи кои од кои било причини се уште не го оствариле своето право да одберат свој комерцијален снабдувач и да се снабдуваат со енергија по пазарни – поевтини цени. Универзалниот снабдувач ги снабдува таквите потрошувачи по цени кои се регулирани од страна на Регулаторната комисија за енергетика, што значи тоа не се слободни пазарни цени. Исто така, ЕВН Хоме во улога на снабдувач во „краен случај“ ги снабдува оние потрошувачи кои задолжително мораат да излезат на слободниот пазар, но од кои било причини тоа не го сториле – со таа разлика што овие потрошувачи кои не се категоризирани како „мали потрошувачи“ согласно Законот за енергетика, можат од снабдувачот во краен случај да бидат снабдувани најмногу до три месеци и тоа по 50 отсто повисоки цени од пазарните.

    ЕДС АД не учествуваше на тендерот за избор на универзален снабдувач. По промената на сопственичката структура во 2018 година, новиот сопственик (Public Power Corp SA, PPC:GR, DEHr.AT) одлучи, поради кусиот период по настапот на македонскиот електропазар, дека е премногу рано за таква одлука. Колку што ми е познато, на аукцијата која беше финале на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач, ЕВН понуди помала ценовна маржа во однос на ЕСМ и со тоа победија на тендерот и се стекнаа со правото во наредните пет години да ја извршуваат лиценцираната дејност универзален снабдувач и снабдувач во краен случај. Единствени учесници на тендерот/аукцијата беа ЕВН и ЕСМ, па според тоа сметам дека забелешки немало.

    Кога се најавуваше либерализацијата на пазарот, домаќинствата очекуваа дека на нивната врата ќе тропнат повеќе понудувачи со различни пакети на услуги со различни цени, па ќе можат да избираат. Многумина не знаат дека пазарот е либерализиран. Зошто не се случи таков модел? 

    Пазарот е отворен и за домаќинствата. Либерализацијата на пазарот со електрична енергија во С Македонија е 100 процентна. Според тоа, и домаќинствата можат да се снабдуваат од комерцијални снабдувачи по нивен избор. Но, тоа не се случува од причини што регулираната цена на електричната енергија за домаќинствата е субвенционирана и заради тоа е се уште пониска од пазарната цена. Со други  зборови, доколку едно домаќинство би почнало да се снабдува на слободниот пазар, вкупниот трошок за електрична енергија би му бил поголем од оној што го плаќа кон универзалниот снабдувач.

    Оваа математичка и финансиска нелогика се случува заради одржување на социјалниот мир – односно заради обезбедување евтина цена за електричната енергија за домаќинствата. Но, во услови кога универзалниот снабдувач мора енергијата да ја набави по пазарни услови, прашањето е како може да си дозволи да снабдува околу 500 илјади домаќинства по цена пониска од пазарната? Одговорот е во субвенциите кои се обезбедуваат преку регулираните цени за правните субјекти од една страна и од ниската цена (далеку под пазарната цена) по која ЕСМ му ја обезбедува потребната енергија на Универзалниот снабдувач за потребите на регулираниот пазар. Што се однесува до првиот дел од субвенциите, фирмите кои се се уште снабдувани од универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме) плаќаат многу повисоки цени од пазарните и со тоа се дополнува „фондот за субвенции“ за да може универзалниот снабдувач да ги снабдува домаќинствата со енергија поевтина од пазарната. Сепак, лавовскиот дел од субвенциите се обезбедени преку цената по која ЕСМ му ја продава електричната енергија  на Универзалниот снабдувач, кој понатаму ја препродава истата кон домаќинствата. Практично, се врши прелевање на приходи од правните субјекти и од ЕСМ кон Универзалниот снабдувач за да се покрие трошокот за вкупно набавената енергија и да се оствари маржа постигната на аукцијата за избор на универзалниот снабдувач.

    Токму заради полнење на „фондот за субвенции“, правните субјекти се поттикнати да изберат снабдувач на слободниот пазар, каде што во цената за енергијата не се вклучени субвенции и со тоа се остварува значително намалување на трошоците за потрошена електрична енергија. Како пример можам да ги наведам најмалите и најранливата категорија на фирми кои се фактурирани од универзалниот снабдувач во т.н. категорија „втор тарифен степен“. Овие мали фирми плаќаат 10,42 денари за kWh енергија без ДДВ. На слободниот пазар, истите тие фирми, за истата потрошувачка би имале вкупен трошок од само 9,55 денари за kWh енергија без ДДВ, односно би имале финансиска заштеда од повеќе од повеќе од 5 проценти. Под вкупни трошоци се подразбираат апсолутно сите трошоци како што се набавка и транспорт на енергијата до С Македонија, трошоци за балансирање, за обновлива енергија, пазарнина и мрежарина (мрежарината ја наплаќа Електродистрибуција ДООЕЛ, лиценциран оператор на дистрибутивниот систем и цените за мрежарината се регулирани и независат од изборот на снабдувач). Во пазарни услови кои не се екстремни како сегашниве, најмалите потрошувачи на електрична енергија остваруваа заштеди поголеми и од 30 отсто во однос на регулираните цени.

    Универзалниот снабдувач гарантира дека стабилноста во снабдувањето и цените за домаќинствата ќе бидат обезбедени до 2025 година. Што значи тоа, дали ако цената на пазарот поскапе, универзалниот снабдувач нема да ја поскапи струјата за малите потрошувачи, на своја штета?

    Не, тоа би бил погрешен заклучок. Универзалниот снабдувач не може да ги гарантира цените во рок подолг од 12 месеци, тоа не е негова обврска ниту му е во интерес. Токму самиот универзален снабдувач бара еднаш годишно регулаторот да ги ревидира цените. Регулираните цени што универзалниот снабдувач им ги наплаќа на своите потрошувачи се цени кои еднаш годишно се ревидираат од страна на Регулаторната комисија за енергетика. И сведоци сме како во последните три години, цените за најмалите комерцијални потрошувачи се зголемија од 8,64 денари за киловат час, преку 9,27 до 10,42 денари за киловат час.

    Доколку на слободниот пазар, од каде што универзалниот снабдувач ја набавува енергијата, цената за енергијата порасне, тогаш регулаторот има обврска да му ги признае зголемените трошоци за набавка на енергијата на универзалниот снабдувач и врз тие трошоци да му ја признае бруто маржата од 11,5 проценти што ЕВН Хоме ја освои на јавен тендер.

    Според таа методологија, единствен начин цените за домаќинствата да не пораснат, или барем да не пораснат нагло, е акционерот на ЕСМ, кој е доминантен обезбедувач на енергијата што универзалниот снабдувач ја препродава до своите потрошувачи, да му даде налог на ЕСМ да понуди енергија под пазарната цена (како што понуди оваа година цена од 40 ЕУР/MWh а цената на берза е над 150 ЕУР/MWh) со што ЕВН Хоме ќе ги одржи цените за домаќинствата на некое приближно ниво од една страна, а од друга ќе си ја заработи маржата од 11,5проценти.., Но дали во таков случај ЕСМ ќе оствари добивка, тоа останува да се види.

     

     

    Вашата фирма, Енерџи Деливери Солушнс АД, е еден од позначајните санбдувачи на пазарот, од каде се набавува струјата и на кој начин?

    ЕДС е најголемиот трговец/снабдувач на Македонскиот електро-пазар.  Според последниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2020 година, ЕДС учествува со 30,48 отсто и со  847.243 MWh во  пазарниот удел и остварена продажба на снабдувачите на слободниот пазар на мало со електрична енергија.

    ЕДС најголемиот дел од енергијата ја набавува на берзите во средна и југо-источна Европа. Помали количини се набавуваат и во С Македонија од гасната централа ТЕ-ТО кога истата произведува електрична енергија како и од производителите на обновлива енергија, најчесто мали хидроцентрали и фотоволтаични централи кои не користат повластени тарифи.

    Начинот на кој ЕДС ја набавува енергијата е со директно учество на берзите за електрична енергија. ЕДС е членка на HUPX/HUDEX берзата за електрична енергија и природен гас уште од самото основање на берзата и тргува како членка на берзата – што ни’ обезбедува набавка на енергијата од прва рака без посреднички маржи. Оваа Унгарска берза за електрична енергија која организира и дневен пазар како и пазар на деривативни производи е стожерна и нај ликвидна берза за средна и југо-источна Европа и сите ценовни индекси и споредби се засновани на нејзините цени како референтни.

    Кај нас, енергијата од производителите на обновлива енергија ја купуваме со билатерални договори кои се администрираат од пазарниот оператор МЕМО ДООЕЛ, и тоа се договори со мали електро-централи кои можат да бидат самостојни производители или да бидат „просумери“, односно да се потрошувачи кои истовремено имаат среден или голем потрошувачки објект и инсталација за производство на електрична енергија од кои ЕДС ја откупува вишок произведената енергија која во дадени моменти е поголема од потрошувачката на асоцираниот индустриски погон.

    Дали се купува дневно, месечно, годишно?

    Во делот од пазарот каде што ЕДС тргува со деривативни производи, енергијата се набавува/тргува на месечно, квартално или годишно ниво, зависно од долгорочните договорени продажни позиции и можностите да трговија. Додека на дневниот пазар се купува енергија со фиксен или со променлив профил и на внатре-дневниот пазар енергија се купува по часови или за 24-часовен период.

    Она што е важно да се каже е дека ЕДС следи сериозна политика за минимизирање на ризиците и ги хеџира на пазарот своите договорени продажни позиции однапред, со цел да ги гарантира цените кон своите потрошувачи во текот на целиот договорен период на снабдување.

    Колку трговци ја снабдуваат С Македонија со струја и дали има ралика во цената што му ја нудат на универзалниот снабдувач?

    Списокот на лиценцирани трговци на веб-страната на регулаторот е мошне долга, но активни трговци на пазарот нема повеќе од десетина. Поради несиметричната законска обврска на ЕСМ кон универзалниот снабдувач, наспроти комерцијалните снабдувачи, цените помеѓу приватните трговци/снабдувачи се лесно споредливи бидејќи сите енергијата ја набавуваме на отворениот пазар, додека цените помеѓу приватните трговци и ЕСМ не се споредливи.

    Какви се законските одредби за основање фирма – трговец со струја?

    Законските одредби за основање фирма – трговец/снабдувач со електрична енергија не се воопшто порестриктивни од која било друга дејност. За да основате фирма потребен ви е минимален капитал од 5 000 евра и има дополнителен минимален трошок за стекнување лиценца за трговија и/или снабдување.

    Фирмите кои аплицираат за лиценца за снабдувачи треба дополнително да обезбедат софтвер за фактурирање во малопродажба. Тоа е единствената специфична обврска од законски аспект.

    Но, за навистина да се занимавате со овој бизнис потребни се огромни финансиски средства на располагање. Набавката на енергија е условена со банкарски гаранции наспроти кои лежат врзани финансиски средства. Банковни гаранции ви се потребни исто така и за гарантирање на вашата балансна одговорност доколку сакате да имате балансна група од крајни потрошувачи. Треба исто така да имате средства за снабдување на балансната група со енергија секој ден во рок од 2 месеца пред да почнат клиентите да ви ги исплаќаат фактурите за снабдувањето од претходниот месец. Се е врзано со доволни финансиски средства.

    По промената на сопственичката структура, ЕДС се преобрази во акционерско друштво при што и капиталната структура доживеа огромна промена, од оригинални 5 000 ЕВРА до фантастични 5,5 милиони евра капитал и дополнителна финансиска поддршка од мајката фирма која е меѓу најголемите електростопанства во Европа.

    Колку производители/понудувачи постојат во С Македонија од кои универзалниот снабдувач купува струја и колкаво е нивното процентуално учество во производството на струја?

    ЕСМ е единствениот производител на електрична енергија во С Македонија кој го снабдува универзалниот снабдувач. Во случај на недостиг на енергија од ЕСМ, универзалниот снабдувач организиран јавен и транспарентен тендер за набавка. Но тоа се мали количини во текот на годината ако се воопшто неопходни.

    ЕСМ, од аспект на домашното производство на електрична енергија, е доминантен, но сепак С Македонија е зависна од увоз на електрична енергија и годишно увезува околу една третина од своите потреби.

    Дали ЕСМ е привилегиран снабдувач и може да биде најконкурентен со цената, односно некој да не може да го победи?

    ЕСМ, преку своите ќерки фирми ЕЛЕМ Енергетика ДООЕЛ и ЕЛЕМ Трејд може да настапува на слободниот македонски електро-пазар со пазарни цени и ценовни маржи кои би ја отсликувале разликата помеѓу пазарната цена и трошокот за производство на енергијата во централите на ЕСМ. Но ЕСМ сепак, најголемиот дел од своето производство му го продава на универзалниот снабдувач, со што го губи капацитетот да стане доминантен снабдувач на домашниот пазар. Од друга страна, ЕСМ има интензивни трошоци во доменот на техничкото и инвестиционото одржување на своите огромни капацитети и не би требало да се стреми да биде најевтин снабдувач, туку треба да се одлучи целото свое или барем добар дел од своето производство да го тргува по пазарни цени, со што ќе има доволно расположиви финансиски средства како за подршка на производството така и за инвестици во нови технологии кога лигнитот во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино ќе бидат целосно исцрпени.

    ЕСМ, како производител, има законска обврска да му понуди енергија на универзалниот снабдувач за покривање на потребите на регулираниот пазар. За првата година ЕСМ имаше обврска за понуди енергија доволно да се покријат 80% од потребите на универзалниот снабдувач, и тој процент секоја година ќе се намалува до истекот на првите пет години, почнувајќи од 1 јули 2019 година. Но, важно да се  разбере дека обврската да се понуди количина енергија не значи дека ЕСМ мора да ја понуди енергијата по цени пониски од пазарните. Исто така, е важно да се разбере дека универзалниот снабдувач не мора да ја прифати понудата на ЕСМ доколку истата не е најповолна. Но, од причини објаснети претходно, ЕСМ секоја година нуди многу пониска цена од пазарната и со тоа универзалниот снабдувач мора, а тоа за него е и опортуно, да ја прифати понудата.

    По тие цени ниту еден друг комерцијален трговец/снабдувач не може да го „победи“ ЕСМ, но прашање е за каква победа зборуваме доколку ЕСМ изгуби 50% – 60% од вредноста на својата продажба. Сепак тоа е дел од политиката на државниот врв за обезбедување социјален мир и снабдување на домаќинствата по регулирани цени.

    Како влијае актуелнава криза што ја предизвика паднемијата на пазарот на електрична енергија понуца – побарувачка?

    Потрошувачката на електрична енергија во С Македонија, но и во целиот свет, опадна нагло во 2020 година, директно причинето од пандемијата. Единствени капацитети кои ја задржаа својата потрошувачка на исто или на повисоко ниво се фармацевтската и прехранбената индустрија, комуналните претпријатија и големите маркети. Другите дејности, секоја со различен степен, покажаа намалена побарувачка, а угостителството скоро 100 отсто намалување.

    Во такви услови, нормално беше да се очекува и намалување на цените за енергијата. Зборувајќи погенерално за енергетиката, за првпат во историјата на нафтениот бизнис, се случи во еден ден цената на сировата нафта да падне на негативни 30 УСА долари за еден барел. Практично производителите на сирова нафта нудеа 30 долари по барел на секој што има неискористен капацитет за складирање за да ја преземе произведената нафта. На берзите на електрична енергија, почесто се случува во ноќните часови берзите да ја продаваат енергијата по негативни цени – нудат пари на секој што може да потроши повеќе енергија од планираното.

    Но во 2021 година имаме обратен тренд каде цената на струјата расте. Растот е причинет поради зголемената побарувачка како и растот на цената на сировата нафта, природниот гас, но и на ЦО2 сертификатите кои од почетокот на 2021 година двојно се покачија и постигнаа цена од над 60 ЕУР/ЦО2тон. И цената на сировата нафта (преку мазутот и природниот гас), и цената на ЦО2 сертификатите ги засегна термоцентралите на јаглен, чија цена на електричната енергија станува многу висока. Високите температури во текот на летото оваа година, како и недостатокот на производство на електрична енергија од ветерниците во средна и југоисточна Европа, беа причините на зголемување на цената на струјата која е повеќе од 100 отсто повисока од претходната година.

    Поради наглиот развој на цените од минатата во оваа година, на пазарот сме сведоци на негодување кај голем број потрошувачи на електрична енергија на кои одредени снабдувачи или им ги покачуваат цените во сред договор ( и покрај тоа што клиентите очекуваат цените да бидат фиксни во текот на договорениот период на снабдување) или, пак, им ги раскинуваат договорите од причина што снабдувачот не сака и не може да плати висока цена за набавка на енергијата, во услови кога истата договорил да ја продаде многу поевтино. Кажано со берзански жаргон, некои снабдувачи се обложувале наспроти берзата – очекувале дека цената на електричната енергија ќе падне и во почетокот на 2021 година нудеа извонредно ниски цени за снабдување. Но, цените отидоа до небо и сега финансиската празнина помеѓу скапо купената и евтино продадената енергија  тие снабдувачи се обидуваат да ја надополнат со мерки кои можат да ги чинат репутација.

    Регулаторната комисија за енергетика веќе објави соопштение за јавноста во кое информираше дека отпочнала процедури за одземање на лиценци за снабдување со електрична енергија на некои снабдувачи кои не ги почитувале одредбите од Законот за енергетика, Правилата за снабдување и условите наведени во лиценците. Овие настани ќе бидат и добар показател за потрошувачите, да не кажам лекција, дека при евалуирање на понудите од конкурентните снабдувачи, предвид треба да се земаат понуди кои се во согласност со берзанските цени – бидејќи таквите понуди во цената содржат и СИГУРНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕТО! Наспроти таквите логични цени, цените кои се „премногу добри да бидат вистина“, се шпекулативни цени кои за да обезбедат беспрекорен сервис, потребно е да се исполнат шпекулативните очекувања за движењето на берзанските цени – а тоа е ризик!

    ЕДС АД е одговорна компанија која не дозволува нејзините клиенти да се најдат во оваа позиција, ја набавува енергијата според договореното за времетраење на целиот договор и ја гарантира цената на струјата. Затоа, ЕДС можеби во дадени моменти нудеше поскапи цени од други снабдувачи кои беа шпекулативно настроени кон берзанската цена, но сепак ЕДС го гарантира тоа што го нуди и не отстапува од тој принцип. Принципот да не се шпекулира со берзанските движења, обезбедува сигурност во снабдувањето по гарантирани цени. Ова е особено важно за заштита на потрошувачите кои склучиле договор за снабдување со однапред договорени цени и во нивните бизнис планови, цената на нивните производи и услуги меѓу другото ги калкулираат земајќи ја и договорената цена на струјата. Така што кога вие ќе му ја зголемите цената среде договор, или пак ќе му го откажете договорот и ќе го изложите неспремен на пазарниот ризик, неговите бизнис планови ќе бидат пореметени до таа мерка што и нивната репутација кон нивните клиенти ќе биде разнишана. Според тоа, одговорноста во нашето работење претставува одговорност не само кон нас и нашиот акционер, туку и кон нашите клиенти и индиректно кон клиентите на нашите клиенти.

    (Р.С)

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ