сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    Забрзана гасификација или стагнација – Владата и опозицијата на различни стојалишта за гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар


    Заев најави финиширање на проектот во втората половина на следната година, а од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека промовира гасовод што го почнала нивната влада (во март 2017 г.), а чија изградба требала да заврши уште лани 

     

    За околу една година се очекува да финишира магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, чија изградба е забавена поради пандемијата со ковид-19. . Дотогаш треба да заврши  и магистралната делница Неготино-Прилеп-Битола, додека таа од Неготино до Гевгелија за поврзување со интерконекторот со Грција ќе почне да се гради наредната година.

    Од наредната недела ќе стартува решавањето на имотно правните работи што поради пандемијата ги забавија работите на терен за изградбата на магистралниот гасовод.

    Овие проекции беа презентирани за време на увидот  на градежните активности на терен кај скопско Семениште, што денеска го направија премиерот Зоран Заев и министерите  за транспорт и врски Благој Бочварски и за економија Крешник Бектеши.

    „Гасоводната делница Скопје-Тетово- Гостивар, во должина од 86 километри, заклучно со  септември, е реализирана на ниво од 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година,вклучувајќи  ја изградбата на мерните станици и краците кон градовите“, изјави Заев.

    Гасоводот Скопје-Гостивар – Тетово, потенцираше, е дел од изградбата на преносниот систем за гас на целата држав,а како еден од приоритетите на Владата од посебен  и исклучителен интерес за граѓаните и стопанството.

    Тој нагласи дека, иако, поради пандемијата е забавено изведувањето, целосно се завршени работите на гасната магистрала од Клечовце до Неготино во должино од 96 километри,  додека делницата Неготино – Прилеп – Битола, долга 92 километри, во септември беше комплетирана.

    „Овој магистрален очекуваме да го комплетираме до вториот квартал на 2021 година. Оваа динамика на градежни работи веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и до граѓаните“, рече Заев.

    Изградбата на двата магистрални гасоводи се реализира со инвестиција во износ од 65 милиони евра, од кои 29  милиони евра за кракот од Скопје кон Гостивар, а 36 милиони  евра за изградба на кракот од Неготино кон Битола. Проценките  на институциите се дека за целиот национален проект ќе бидат потребни уште 200 милиони евра.

    Следува фаза, укажа Заев, кога ќе треба да се определат операторите на секундарната и терцијалната мрежа, кои ќе обезбедат пренос и приклучок по ниски цени достапни за граѓаните  и стимулирачки за индустријата. За таа цел беше објавен повик за воспоствување јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување  и развивање на дистрибутивникот систем на природен гас. Во тек е евалација на пријавите за учество заедно со консултантите од ЕБОР за проверка на нивните капацитети согалсно критериумите на повикот.

    Премиерот потенцираше дека од наша страна со поврзувањето со интерконекторот со Грција државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени.

    „Со поддршка на САД и ЕУ, Северна Македонија во наредниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти во енергетиката од особено значење за земјата  и регионот. Од земја која беше ставена да биде зависна од само еден коридор Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативите за енергетско поврзување кои отвораат широки  перспективи за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што е гасот“, рече Заев.

    Како што дополни,  дел од тие перспективи новиот интерконектор со Косово.

    „Ќе бидеме преносен систем и за други  држави што секако ќе влијае многу на поволноста на цената за крајните консументи“, нагласи Заев.

    Опозицијата, пак, реагираше по настанот кај Семениште, оценувајќи дека  Заев промовирал уште еден проект почнат од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар.

    Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека проектот почна во март 2017 година, што би значело во меѓупериодот по парламентарните избори во 2016 година и изборот на првата влада на Заев, во јуни 2017 година.  Гасоводот, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, требаше да биде готов пред една година, поточно во 2019-та година.

    „Парите за тој гасовод беа обезбедени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а единствената заслуга на владите на Заев е тоа што овој проект е закочен и се доцни една година за негово финиширање.  Доколку не доцнењето од една година, ќе можеше да се спроведе планираното од владите на ВМРО-ДПМНЕ и почне и следната фаза на изградба на гасоводот до Кичево со кој и граѓаните и компаниите од оваа општина ќе добијат природен гас. На неспособната влада на СДСМ, владите на ВМРО-ДПМНЕ и им оставија и гасоводи Штип, Неготино каде градежните работи денес се во стагнација“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. (A.M.)

    НАЈНОВИ ВЕСТИ