петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Бислимовски: „Чебрен“ не е како „Скопје 2014“, не може да го заврши една влада со мандат од четири години

    „Чебрен“ не може да го заврши една влада за еден мандат од четири години, не е тоа како „Скопје 2014“. Значи, треба време, ама треба да се постигне општ политички консензус. Ова го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) одговарајќи за тоа како гледа на предлог-законите за стратегиски инвестиции во енергетиката вредни над 700 милиони евра во предизборен период, кои во Собранието влегуваат по скратена постапка.

    „Значи, ние имаме неколку проекти што се извесни и треба да ги реализираме. Тоа е ‘Чебрен’, изградба на нова интерконективна врска со Грција и ширење мрежи за природен гас на државата, развојно обновливи извори кои не можат да дадат бесконечни. Нашата преносна мрежа, дистрибутивна, има капацитети, тоа ќе заврши, и сега треба да ги гледаме начините како да ги развиваме батериите“, вели Бислимовски.

    Според него, овие инвестиции мора да ни се случат за да ни се развива македонската економија.

    „Следната енергетска криза, како оваа што ја имавме, ние ќе немаме електрична енергија. Дотаму отиде работата, да не се лажеме“, вели тој.

    Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика смета дека државата во изминатите 30 години поради, како што вели, кусогледи политики и евтин популизам се довела во ситуација да се потрошат речиси 400 милиони евра за разни субвенции во најголем дел за домаќинствата.

    „Додадената вредност ни е нула. Во тие 30 години, ако сме сакале, ако сме можеле, ако сме биле мудри, ќе сме направеле и гасна електрана, ќе сме го направеле и ‘Чебрен’. Не го направивме. Ние треба да кажеме во државава, дали ќе живееме во пазарна економија или ќе живееме во една утопија што ни се случуваше до 90-тите“, вели тој.

    Бислимовски вели дека за инвестициите во енергетскиот сектор, како „Митилинеос“, „Стипион“ и други две, кои според него веќе биле спомнувани повеќепати во јавноста, се преговара, се договара од 2019 година и од премиерот Заев и од премиерот Ковачевски.

    „Можеме да кажуваме дека сега до крај не е соодветен периодот, но секоја влада, претпоставувам дека при крајот на својот мандат сака да ги усвои овие инвестиции, кои се во вредност од речиси 800 милиони евра и со еден од такви проекти да оди на изборите“, изјави Бислимовски.

    Според него, со тој концепт на фидинг-тарифа досега во државата се направени 130-140 мегавати мали хидроелектрани, ветерни електрани од 72 мегавати и се направија 17 мегавати фотоволтаици, кои користат повластена тарифа. Тој концепт на повластена тарифа, според него, не се применува само во Северна Македонија, туку насекаде во Европската Унија, како што вели, за да може да се привлечат инвеститори.

    На прашањето зошто државата не изгради еден таков објект, како што е една од четирите стратегиски инвестиции, односно когенеративната централа на „Митилинеос“ во Гази Баба, Бислимовски вели дека покрај „Митилинеос“, таква инвестиција треба да направи и ЕСМ.

    „Ние сега дискутираме ЕСМ да гради, односно државата, ама јас ви тврдам. Ако една проектирана вредност на една инвестиција почне да ја прави ЕСМ, пред сè ЕСМ работи по Законот за јавни набавки. Само да нема корупција, да нема мито, да нема ништо, само заради начинот на кој ни функционира нашиот Закон за јавни набавки, ние ќе имаме сериозен проблем да го имплементираме. Втора работа, од која се плашам, и на сите ние јасно го гледаме, е корупцијата. Јас тврдам дека приватниот инвеститор, кој било, за што било, многу повеќе води сметка за своите пари отколку што е државата, рече Бислимовски.

    Според него, јасно е дека има зголемен број домаќинства од вообичаеното каде што претпоставката за потрошена електрична енергија очигледно е превисока.

    „Кај најголем дел од жалбите што се водат кај нас, ние ќе ги прифатиме“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ