Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека не е предвидена продажба на АД ЕСМ, туку да се засилат нивните капацитети.
-Согласно Стратегијата за развој на енергетиката и официјалните документи што ги носи Министерството за економија не е предвидена продажба на АД ЕСМ, туку е предвидено спротивното – ЕСМ да ги зајакне своите капацитети со цел да биде стожер на енергетскиот сектор во нашата држава. Дали во иднина би отишло на продажба ЕСМ или не, тоа не знае ниеден од нас-, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Додека јас сум министер за економија и член на владата тоа никогаш не може да се случи. Но, и јас ако не сум, ако е мојата политичка партија ДУИ е во владата пак нема да се случи. Ако некој друг има некоја опција нека ја презентира пред граѓаните јавно и граѓаните нека одлучат дали сакаат да се продава ЕСМ или не, рече Бектеши во одговор на прашање при денешното одбележување на Светскиот ден на потрошувачите.
Додека е министер за економија, како што кажа, ќе се случи спротивното, ќе се зајакнат капацитетите на ЕСМ.
-Нашата политика е дека треба да имаме домашно производство, домашни капацитети се со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните за да има пониски цени. Ако одредени други субјекти имаат други политики нека излезат и нека ги презентираат пред граѓаните, па тогаш граѓаните ќе одлучат, посочи Бектеши.