среда, мај 1, 2024
spot_img
Повеќе

    Северна Македонија добила понуда за косопствеништво на гасните терминали во Александрополис

    Премиерот Заев вели дека државата размислува да ја прифати пријателската понуда од Грција и посочува дека централата во Александрополис ќе произведува два и пол пати повеќе енергија од енергетскиот дефицит што го имаме како земја

     

    Северна Македонија добила понуда од Грција за косопствеништво на гасните терминали во Александрополис, каде што ќе се гради 800 мегаватна централа. Ова го објави премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека државата размислува да ја прифати пријателската понуда од Грција. Централата, како што рече Заев, ќе произведува два и пол пати повеќе енергија од енергетскиот дефицит што го имаме како земја.

    „Намерата е тука да влезе ЕСМ со свои директни инвестиции и сама да може да набавува течен природен гас од Америка, Катар, Израел и да произведува електрична енергија што ќе ја пушта во нашата мрежа. Тоа е израз на големо пријателство, по потпишувањето на Преспанскиот договор и поттик за понатамошните инвестиции во државата“, изјави Заев.

    Тој нагласи дека доаѓа момент кога ќе треба да ги затвориме комбинатите што произведуваат струја на јаглен, па така во следниот период ќе претстои затворање на еден блок на РЕК „Битола“, кој ќе биде приклучен на гасоводот што ќе минува крај Битола и ќе се трансформира во гасна централа.

    Исто така, според Заев, се работи и на издавање три лиценци за работа на ветерници за производство на безмалку 100 мегавати електрична енергија од ветерници.

    Нагласувајќи дека државата има јасна енергетска стратегија и дека ита кон обновливи извори на енергија, Заев посочи дека ЕСМ ќе гради дополнително свои ветерници во јужниот дел на државата.

    Тој нагласи дека, иако земјава се уште не е членка на ЕУ,и ги нема обврските за плаќање на аранжманите за емисиите на јаглерод диоксид, сепак во текот на преговорите за членство ќе мора да се прилагодува кон тие обврски.

    „Јасно ни е дека треба да го зголемуваме интензитетот на инвестиции во обновливите извори на енергија“, додаде Заев.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ