петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Економски форум во Скопје: На регионот ќе му треба се повеќе електрична енергија

    Рама и Заев се согласија дека треба да се интензивираат заедничките енергетски проекти, додека Вучиќ посочи дека е спроведена студија која укажува дека за неколку години ќе бидат потребни 70 теравати електрична енергија за Србија, С Македонија и Албанија и дека затоа мора паметно да се управува со овој ресурс

     

    Потенцијалите за интензивирање на енергетските проекти и на енергетското поврзување на регионот се дел од клучните аспекти за кои се дискутираше на денешниот Регионален економски форум во Скопје.

    Премиерите на Северна Македонија, Зоран Заев, на Албанија, Еди Рама, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, се согласија дека инфраструктурата, покрај политичката волја што ја изразија, е клучна за најавените проекти во рамки на иницијативата што денеска беше ребрендирана како „Отворен Балкан“, наместо „Мини шенген“.

    „Енергетски,  сме одлично поврзани и продолжуваме да инвестираме во далноводите, трафостаниците…, затоа што и тоа претставува сериозна инфраструктура, а во иднина верувам дека ќе се поврземе и преку гасните мрежи, директно што дополнително ќе донесе диверзификација на природниот гас, кој ќе биде многу значаен енергенс за користење во иднина“, рече Заев.

    Важноста на енергетското поврзување преку гасот и електричната енергија го потенцираше и Вучиќ, кој укажа дека на регионот ќе му треба се повеќе електрична енергија и оти треба да управува паметно со неа.

    „Триесет и четири теравати произведува Србија, шест Албанија, пет и нешто С Македонија. Потребна ни е многу повеќе електрична енергија во иднина за заедничките потреби. Спроведовме една студија која укажува дека за неколку години ќе ни бидат потребни 70 теравати за нашите три земји. Потребна ни е електрична енергија и паметно да работиме и да управуваме со неа. Ако ја пропуштиме таа прилика и овозможиме да не наседнат сите кои сакаат да станеме енергетски неефикасни земји, за да купуваме најскапа електрична енергија во моментот кога за нив е најевтино, тогаш не сме дораснале на нашата задача, рече Вучиќ.

    Рама изрази уверување дека сите се доволно алармирани за можностите што се нудат со енергетиката и, како што рече, што ни следува доколку не ги преземеме потребните чекори.

    „Сепак, доволно сме богати во регионов да можеме да го постигнеме ова. Во оваа насока, на енергетиката ќе работиме заедно, за да можеме да сфатиме што можеме и на регионално ниво да постигнеме заедно“,  рече Рама.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ