вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Министерски состанок за енергетика во Софија: Формирана регионална платформа на ЕУ за набавка на гас

    Овој проект, во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ, има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, а откако Газпром прекина да ја снабдува Бугарија

     

    На денешниот министерски состанок за енергетика во Софија, е формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас, откако Газпром прекина да ја снабдува Бугарија. Платформата ги опфаќа и земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.

    Овој проект, во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ, има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија, велат од Министерството за економија.

    Софиската платформа, како што се наведува, ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот.

    На министерскиот состанок за регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција учествуваше македонскиот министер за економија Крешник Бектеши.

    На состанокот, министери на земјите од регионот, со претставници од Европската Унија, разговараа за енергетската безбедност, потребата за итна рекација во нарушувањето со снабдување со енергенси како резултат од кризата во Украина, декарбонизацијата и зелената транзиција, како и за формирањето на првата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ.

    Во своето обраќање, Бектеши истакна дека сите земји кои се присутни на овој министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите.

    „Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок“ кажа Бектеши.

    Министерот се заблагодари на поддршката на Европската Унија со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор во Северна Македонија, со цел изградба на нови интеконектори и поголема поврзаност на мрежата не само во регионот, туку и Европа.

    „Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема кинкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Газпром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Газпром“, рече Бектеши.

    На Министерскиот состанок, кој е во организација на Министерството за енергетика на Бугарија, покрај министерот Бектеши и домаќинот, министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов, учествуваа и Дите Јоргенсен, генерален директор на Директоратот за енергија на Европската комисија (ДГ ЕНЕР), Константинос Скрекас, министер за енергетика и животна средина на Грција, Виргил Даниел Попеску, министер за енергетика на Романија, Зорана Михајловиќ, вицепремиер и министер за рударство и енергетика на Србија, Парвиз Шахбазов, министер за енергетика на Азербејџан, Герман Галушченко, министер за енергетика на Украина, како и Алпарслан Бајрактар, заменик- министер за енергетика и природни ресурси на Турција.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков, на отворањето на состанокот, рече дека новите интерконектори овозможуваат да се направи нов енергетска карта на регионот.

    Според него, енергетските миксови на земјите од регионот може уште подобро да се оптимизираат за поголема трошковна ефикасност.

    Петков, исто така, рече и дека средбата во Софија е за да се покаже дека единството е сила. Гледаме невидена војна во Украина и во исто време гледаме како енергијата се користи како оружје, изјавибугарскиот премиер.

    Договорот меѓу Бугарија и руската компанија Газпром, рече тој, беше еднострано прекршен,  додавајќи дека единствен начин да се компензира за овие негативни случувања е обединување на земјите од регионот.

    „Гаспром“ ја запира испораката на гас и во Бугарија

    НАЈНОВИ ВЕСТИ