петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Ковачевски од Софија: Гасот сега ќе тече од Југ кон Север

    На заедничката прес-конференција на премиерите на Бугарија, Црна Гора и Романија, македонскиот премер зборуваше за гасната конекција со Грција, како и за потребата регионот заеднички да инвестира во обновливи извори на енергија

     

    Регионот треба да се фокусира и заеднички да инвестира во обновливи извори на енергија, оцени денеска во Софија Димитар Ковачевски, на заедничката прес-конференција со премиерите на другите земји членки на НАТО од Југоисточна Европа –  Бугарија, Црна Гора и Романија.

    „Уште минатата година, како држава, почнавме со проекти во полето на енергетска транзиција за од традиционални извори на енергија да почнеме со производство на енергија од обновливи извори. Бројни проекти во полето на соларната енергија веќе беа почнати, а еден од нив наскоро ќе биде пуштен во производство и е поврзан на мрежата“, порача претседателот на Владата.

    Тој рече дека во поглед на снабдувањето со гас ние, исто така, сме земја која што целосно зависи од рускиот гас и затоа Северна Македонија донесе одлука и веќе го потпиша првиот договор да стапи во проект со новиот терминал во Грција.

    „Исто така, ќе биде присутна и Бугарија и затоа ова е регионален стратешки проект и велиме дека сега гасот ќе тече од Југ кон Север. Истото важи и на другата страна. Работиме на интерконекција со гасоводот од Грција кон Северна Македонија, што е проект во последна фаза на имплементација, рече Ковачевски.

    Тој нагласи дека пред триесетина дена започнавме со нова енергетска конекција со  Албанија.

    „Ова не е важно само за двете земји, туку за целиот регион, вклучително и за Бугарија, затоа што сега електричната енергија произведена во Грција може да оди преку Северна Македонија и преку Албанија и под вода до Италија и до други земји. Ова покажува како регионалната соработка и инвестициите во големи енергетски инфраструктурни проекти можат да донесат корист не само за една земја, туку за целиот регион“, порача Ковачевски.

    Премиерот истакна дека војната во Украина ги создаде најголемите проблеми по Втората светска војна.

    „Проблем е дефицитот со гасот и историски најниско ниво на резерви во Европа. Тоа  не само што ја зголемува цената на гасот, туку ја зголемува и цената на електричната енергија за пет пати. Недостигот на гас, исто така, става притисок врз производството на амонијакот кој е клучен за производството на ѓубрива. Имаме недостиг и од ѓубрива на светскиот пазар и сега може да се купи за 300 или 400 пати повисока цена. Со тоа сите цени на храната пораснаа за највисок процент по Втората светска војна, рече Ковачевски.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека војната не тера да се движиме брзо и да ги свртиме нашите стратегии за 180 степени. Тоа, како што рече, се однесува и за гасот кој порано течеше кон Север, а сега треба да тече кон Југ.

    „Веќе имаме Трансбалкански гасовод кој има значителен капацитет и порано носеше гас од Романија, преку Бугарија се до Турција. Сега е време тоа да го свртиме во обратна насока и да видиме како може да користиме гас од Турција и од Грција за овој гас да се врати во Романија и да се направи круг во бугарската инфраструктура која веќе има способност да испорачува на Балканот. Оваа конекција би отишла и во Северна Македонија“, рече Петков.

    Тој нагласи дека регионот треба да се фокусира на обновливата енергија и додаде дека споделуваме заедничка идеја дека обновливите извори на енергија треба да се инвестираат заедно.

    „Треба да ги инвестираме заедно и да имаме локална способност во регионот за да можеме да ги искористиме овие инвестиции. Тоа не само што ќе создаде енергетска безбедност, туку и конкурентност“, потенцира Петков.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ