вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Бугарскиот премиер за соработката со Грција: Тесно работиме на поголема диверзификација на енергетските извори

    Петков, исто така, ја посети грчката траса на гасната врска меѓу Грција и Бугарија, при што посочи дека, доколку гасоводот се заврши до крајот на јуни, веќе во септември азербејџанскиот гас целосно ќе може да влезе во комерцијална употреба

     

    Бугарскиот премиер, Кирил Петков, денеска ја посети грчката траса на гасната врска меѓу Грција и Бугарија, при што посочи дека сите цевки се поставени и, доколку гасоводот се заврши до крајот на јуни, веќе во септември азербејџанскиот гас целосно ќе може да влезе во комерцијална употреба.

    „Физичката инфраструктура на гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција е веќе распоредена. Моментов се врши хидраулично тестирање, така што изградбата е многу напредната, што ја потврдува тезата дека во последните три месеци е направено повеќе отколку во последните години, рече Петков, кој изврши увид во изградбата на интерконекторот во реонот на градот Комотини, во северна Грција.

    Според Петков, завршувањето на овој проект е многу важно, бидејќи, кога се зборува за диверзификација, тоа значи пониски цени на гасот, парното и следната зима ќе има помал ценовен притисок во Бугарија.

    Исто така, говорејќи за енергетската соработка со Грција, во интервју за „Катимерини“, Петков рече дека, по последните случувања, е потребна поголема диверзификација на енергетските извори и дека на тоа тесно работат со грчката Влада. Целта, како што рече, е да  зајакнат енергетските поврзувања на двете земји преку гасоводот IGΒ, за Бугарија да има пристап до гасот од Азербејџан, но и до резервите на течен природен гас LNG во Александруполи.

    Во однос на перспективата за билатерален договор за снабдување со нуклеарна енергија од Бугарија за Грција, бугарскиот премиер објаснува дека на Грција ѝ е потребна поевтина струја, а Бугарија има нуклеарна енергија, па така двете земји можат да работат заедно „градејќи долгорочни односи преку создавање нуклеарна централа, со взаемна корист, во област која е значајна алтернатива за недостигот на енергија во нашиот регион“.

    Додаде дека во оваа фаза се разгледуваат потенцијалните добавувачи и се спроведува студија, по што ќе бидат доставени конкретни предлози до Грција и во период од 12 месеци би можела да постои јасна слика за целиот проект.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ