сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: За нула потрошувачка на руски гас треба да се ослободат уште 200 милиони нормални кубни метри во гасоводот

    Од постојниот гасовод со Бугарија треба да се ослободи проток од уште околу 200 милиони нормални кубни метри природен гас за земјава да ги задоволи сите потреби без да користи руски гас, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

    -Првпат откако е ставен во функција со актуелната Влада се ослободени количини во делот на гасоводот што го имаме со Република Бугарија. Капацитетот од 800 милиони нормални кубни метри што ги имаше гасоводот претходната година ги зголемивме со дополнителни 180 милиони кои не се закупени од страна на Гаспром. За топланите и за дел од индустријата новите 180 милиони се доволни, но имајќи ја во превид потрошувачката на цела држава сметам дека е нефер пристапот од бугарската страна да воведе такса од 10 евра за транспорт на руски гас ако на руската компанија Гаспром и ги има дадено под закуп тие 800 милиони нормални кубни метри до 2030 година, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Пивара Скопје заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

    Нагласи дека најголем потрошувач на гас во државата е когенеративната електрана ТЕ-ТО која произведува електрична и топлинска енергија и која за тоа користи гас кој е под закуп од страна на Гаспром.

    -Граѓаните треба да бидат спокојни за топланите и за дел на индустријата  веќе од претходната година ги обезбедивме потребните количини гас кај кои нема да има влијание таксата од 10 евра. Но, ако има потреба да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО тогаш би можело да има влијание, рече Бектеши.

    Според Бектеши, во С Македонија потрошувачката е околу 400 милиони нормални метри кубни, а речиси половина од тие количини се веќе ослободени. Другата половина, вели министерот, мора да биде снабдувана од страна на „Газпром“ или со нивна дозвола да се користат други снабдувачи, а тоа, како што рече, нема никакво влијание од нашата страна затоа што договорите и закупите се направени во Република Бугарија.

    Министерот, во одговор на новинарско прашање, рече дека преку веќе ослободените капацитети на гасоводот се снабдуваме со азербејџански природен гас и ЛНГ-гас од САД и од некои други земји, кој доаѓа од терминалите во Турција и Грција.

    Бектеши рече дека веќе имаат правено пресметки и калкулации, бидејќи снабдувачот кој има директен договор со „Газпром“ почнал да ги зголемува цените за 10 евра со вградување на таксата која е воведена во Бугарија.

    Во државата, како што кажа, има две фирми снабдувачи што користат само руски гас, од кои едната е фирма сестра на ТЕ-ТО, а другата е македонска фирма и тие веќе стануваат неконкурентни на пазарот за снабдување со природен гас во земјава.

    Министерот Бектеши, неколку дена откако Бугарија воведе данок за рускиот природен гас што транзитира низ бугарскиот гасовод, рече дека Северна Македонија не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија, туку ги оспорува количините што тие ги загарантирале за „Газпром“ во однос на гасоводот со нашата земја.

    Тој најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија доколку се воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзината територија и не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С Македонија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ