сабота, мај 4, 2024
spot_img
Повеќе

    Стартува изградбата на далекуводот Штип – Овче Поле

     

    Инвестицијата од  1,41 милион евра  треба да биде готова до крајот на октомври годинава

     

    Почна реконструкцијата на основниот 110 киловолтен далекувод од Штип до Овче Поле, во должина од 17,88 километри. Инвестицијата од  1,41 милион евра  треба да биде готова до крајот на октомври годинава.

    Официјалниот почеток на изградбата на далекуводот денеска го означија премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Анди Аранитаси.

    „Станува збор за изградба на нов далекувод на постојната траса од стариот далекувод, што е во функција од 1960 година, а ги поврзува трафостаниците Штип и Овче Поле во должина од 17,88 километри.  Изградбата на новиот далекувод опфаќа отстранување на старите бетонски столбови и изградба на нови челично-решеткасти столбови, како и замена на опремата на постојните 16 челично-решеткасти столбови, односно замена на старите со нови проводници, заштитно јаже и изолатори“, рече директорот на МЕПСО.

    Рамадани посочи дека станува збор за капитален проект, што е поддржан со средствата од заемот од ЕБОР.

    „Со инвестицијата се поддржува зелената транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кој обновливи извори на енергија, бидејќи на овој далекувод во иднина ќе биде приклучена ветерната централа Богословец со моќност од 36 мегавати, рече Рамадани.

    Аранитаси од ЕБОР посочи дека средствата за реконструкција на далекуводот се дел од заемот на банката до МЕПСО од 25 милиони евра со кои се предвидува рехабилитација на четири трафостаници и седум 110-киловолтни далекуводи низ државата.

    „Овие проекти ќе придонесат за намалување на техничките загуби, оптимизација на преносните системи во регионот со цел да се обезбеди доверливост на мрежата и сигурност во напојувањето, како и натамошна интеграција на ОИЕ, создавајќи можности за тргување, пренос на резервни капацитети, поддршка на системот, зголемување на прекуграничната размена на електричната енергија и развој на регионалниот пазар“, рече Аранитаси.

    Тој посочи дека ја поздравуваат посветеноста на Владата кон зеленото сценарио на Енергетската стратегија и постепеното затворање на термоелектраните во Осломеј и Битола и целосното исфрлање на јагленот од употреба за производство на електрична енергија.

    Министерот Бочварски рече дека станува збор за значајна инвестиција за регионот која ќе придонесе за економски раст и развој.

    Премиерот Заев истакна дека реконструкцијата на далeкуводот е неопходна за енергетската транзиција и замена на јагленот, особено во штипско-светиниколското подрачје кое нуди одлични можности за производство на електрична енергија од сонце и ветер.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ