петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Собраниска расправа за финансискиот план на РКЕ: Поскапа струја и за регулаторите

    Пратениците од опозицијата критикуваат дека финансискиот план е неиздржан во услови на енергетска, здравствена, мигрантска и топлинска криза во државата, а регулаторите „си дозволуваат највисок износ на расходи во однос на претходните години“

     

    За 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) предвидела да троши за кафе 83 евра на ден. Предвидела и 30 проценти поскапа струја и 39 отсто овеќе за бензин и нафта. РКЕ предвидела 1 700 евра месечно за одржување на зградата, а објектот е нов, дел од проектот ‘Скопје 2014’. Предвидени се и 450 000 денари за печатарски услуги, како и четири милиони денари за службени патувања, наброи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, на денешната собраниска расправа за финансискиот план на РКЕ за оваа година.

    Пратениците од опозицијата критикуваат дека финансискиот план на РКЕ е неиздржан во услови на енергетска, здравствена, мигрантска и топлинска криза во државата, а регулаторите „си дозволуваат највисок износ на расходи во однос на претходните години“.

    Приходи и расходи од околу 91,7 милиони денари предвидува РКЕ во финансискиот план за 2022 година

     

    Ласовска потенцира дека, и покрај кризата во државата, Владата дала позитивно мислење за финансискиот план на РКЕ, според кој ова регулаторно тело дневно, како пто рече, ќе има на располагање околу 5 500 евра.

    Таа упати критика и за работењето на РЕК „Битола“, кој, како што посочи, го намалил производството на струја за половина.

    Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, одговарајќи и на Ласовска, рече Комисијата набавува струја од слободниот пазар за енергија, каде што цената е зголемена, а со тоа се зголемени и предвидените средства за електрична енергија.

    „РКЕ ја регулира цената за домаќинствата и малите потрошувачи. И точно е дека од 1 јануари 2022 година цената на електричната енергија се зголеми за 9,48 отсто. Набавка на електрична енергија на слободен пазар нема никаква врска со регулиран пазар на електрична енергија. Би било добро да не ги мешаме тие две работи. Во однос на одржувањето на зградата, сакам да кажам дека таа нема употребна дозвола. Институциите не дозволуваат да добиеме употребна дозвола, бидејќи зградата е изградена без соодветно сообраќајно решение. Зградата се распаѓа, тече од сите страни. Не протекува само кога не врне“, вели Бислимовски.

    Тој потенцира дека во Финансискиот план за 2022 година има зголемени трошоци само таму каде што не може да влијае РКЕ.

    Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски оцени дека Бислимовски не дал ниту еден предолг како да се спречат поскапувањата на електричната енергија и само „го аминува тоа што ќе му го кажат од Владата.

    Мартин Костовски од СДСМ забележа дека е факт дека ова е најтешката енергетска година во последната деценија, како во нашата земја така и во опкружувањето.

    „Тука е и ковид-кризата и воениот конфликт во Украина. Ценовните притисоци од глобалните пазари, кои започнаа во 2021 година, се прелеаја и во националните економии“, рече Костовски, кој објасни дека многу работи кои се случиле на глобален план влијаеле на создавање на енергетската криза, а со тоа и зголемување на цената на струјата.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ