петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Приходи и расходи од околу 91,7 милиони денари предвидува РКЕ во финансискиот план за 2022 година

    Предложениот процент на зафаќање од 0,0522 проценти за оваа година е за 18,36 отсто повисок во однос на процентот на зафаќање од 0,0441 проценти за лани, се наведува во планот

     

    Приходи и расходи од околу 91,7 милиони денари предвидела Регулаторната комисија за енергетика и водени услуги во финансискиот план за 2020 година што го достави до Собранието.

    Вкупните расходи – потребни средства за исполнување на планираните обврски во 2022 година изнесуваат 91.742.689 денари, што претставува  зголемување за 15,86 отсто, во однос на одобрените расходи со финансискиот план за 2021 година.

    Вкупниот потребен приход, исто така, е проектиран на  91.742.689 денари, и овој износ се планира да се оствари од следните извори на средства:

    – наплата на надоместок за издавање лиценци за вршење на енергетски дејности, односно за упис во регистарот на странски трговци и снабдувачи со електрична енергија и природен гас кои можат да вршат дејност во Македонија и надоместоци од постапката за утврдување на тарифи за водни услуги, односно регулаторна тарифа за водни услуги, во износ од 2.910.000 денари;

    – планиран вишок на пренесени средства од 2021 година во 2022 година воизнос од 6.405.728 денари;

    – планиран приход од наплата на годишен надоместок од носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и странските друштва кои можат да вршат дејност Северна Македонија во износ од 79.649.664 денари и

    – планиран приход од наплата на посебен годишен надоместок утврден како процент на зафаќање од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водните услуги, во износ од 2.777.297 денари.

    Планираниот приход на друштвата што вршат енергетска дејност и давателите на водни услуги за 2021 година е пресметан врз основа на остварениот приход на овие друштва во 2020 година, со пресметано зголемување од 15 отсто остварено во 2021 година, како резултат на подобрувањето на економската состојба и приходите на друштвата во 2021 година во однос на 2020 година и изнесува 157.768.066.104 денари.

    За реализирање на планираните приходи за финансирање на редовното работење на Регулаторната комисија за енергетика во 2022 година, потребно е да се изврши:

    – наплата на годишен надоместок од носителите на лиценци за вршење енергетски дејности и странските друштва коишто можат да вршат дејност во  Северна Македонија утврден како процент на зафаќање во износ од 0,0522 отсто од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и

    -наплата на годишен надоместок од давателите на водни услуги утврден како процент на зафаќање во износ од 0,0522% од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давањето на водните услуги.

    Предложениот процент на зафаќање од 0,0522 проценти за 2022 година е за 18,36 отсто повисок во однос на процентот на зафаќање од 0,0441 проценти за 2021 година, одобрен од страна на Собранието на Северна Македонија. Регулаторната комисија за енергетика на Собранието на Република Северна Македонија му предлага да донесе Одлука за утврдување на предложениот процент на зафаќање од 0,0522 отсто кој е помал од законски утврдениот максимум од 0,1 проценти, се наведува во Финансискиот план на РКЕ.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ