Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски најави можно враќање на дневната евтина струја од 14 до 16 часот од 1. јули.
„РКЕ самата го носи тарифниот систем и сега се прават анализи дали е можно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Сега треба да видиме колкаво ќе биде домашното производство на струја, а според најавите на ЕСМ ќе биде зголемена за барем 10 отсто“, вели Бислимоски. Се аналира и фактот што има голем број изградени фотоволтаици кои се главно изградени на големите компании.
„И третиот момент е што цената на електрична енергија кога произведуваат фотоволтаиците е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Тој тренд во лето ќе продолжи, па и тој елемент го анализираме“, изјави Бислимоски за ТВ 24.
Како што дополнува, сега во периодот кога беше најскапа електричната енергија поради фотоволтаиците имаме најевтина струја. Оттука, нагласува, можно е ако покажат така пресметките да се врати дневната евтина струја.
Од тоа најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата а освен тоа најредовно ги плаќаа сметките во време на ковид-пандемијата и ја одржуваа ликвидноста на ЕСМ, наведува Бислимоски и дополнува дека евтината струја секој ден ЕСМ го чинеше 16 милиони евра годишно.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто.