петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Гасна криза: Дел членки на ЕУ издадоа „рано предупредување“

    Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИАЕ), Фатих Бирол, изјави дека Русија може целосно да го прекине гасот за Европа бидејќи земјата се обидува да ја зајакне својата политичка потпора во услови на криза во Украина. Според него, Европа треба да се подготви за таков можен развој на настаните.

    „Не би исклучувал Русија да продолжи да наоѓа различни прашања овде и таму и да продолжи да наоѓа изговори за дополнително намалување на испораката на гас во Европа, а можеби дури и целосно да ја прекине. Ова е причината поради која на Европа и се потребни планови за вонредни состојби“, рече Бирол.

    Европската Унија ги санкционираше руската нафта и јаглен поради инвазијата врз Украина, но се воздржа од забраната за увоз на гас, делумно поради нејзината голема зависност од испораките од Москва.

    Русија во минатата недела ги намали испораките на гас за пет земји од Европската унија, вклучително и Германија, која во голема мера зависи од рускиот гас за производство на електрична енергија и енергетската индустрија.

    Германската Влада ја активираше втората од трите степени на планот за вонредно снабдување со гас.

    Во соопштение од германското Министерство за економија се наведува дека снабдувањето со гас во моментот е сигурно, но оти ситуацијата и понатаму е тензична.

    Според дефиницијата, вториот т.н. наречен алармантен степен од планот за итно снабдување со гас се активира во случај на прекин на снабдувањето или при зголемена побарувачка. Во вториот степен државата сè уште не интервенира, туку остава пазарот да ја регулира состојбата.

    Започнувањето на вториот степен од планот за итно снабдување со гас и овозможува на Владата да го интензивира активирањето на електраните на јаглен, кои поради владината борба против климатските промени изминатите години не беа во употреба.

    Во третиот степен, државата ја контролира дистрибуцијата на гас и го намалува протокот, при што домаќинствата како и објектите од посебно значење, како што се болниците се особено заштитени од редукција.

    Високиот претставник на ЕУ за климатска политика, Франс Тимерманс, изјави дека намалувањето на испораката на руски гас погоди 12 земји-членки на Унијата.

    Тој посочи дека 10 од 27-те членки  издале „рано предупредување“ во врска со снабдувањето со гас, што е прво и најниско од трите дефинирани кризни нивоа според прописите на ЕУ за безбедност на снабдувањето со енергија, пренесува Ројтерс.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ