вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕДС Инфо поинт: Просечната цена на струјата на HUPX берзата во јануари досега 138,33 евра за мегават час

    Согласно податоците за движењето на цените на берзата HUPX во Унгарија за вчерашниот ден, 20 јануари просечната часовна цена на еден мегават час електрична енергија (baseload) изнесува 173,78 евра/mwh.

    Цената на електричната енергија во текот на дневните часови (9:00 – 20:00) (peakload) постигна ниво од 203,44 евра за мегават час.

    Просечната цена на електричната енергија во текот на месец јануари до сега, (baseload till date) изнесува 138,33 евра за мегават час, што е за околу 123 евра пониска од цената по која што електрична енергија се тргуваше во текот на декември.

    Австрија

    Австрија доби 100 милиони евра од фондовите на ЕУ за да исплати награди на потрошувачи (поединечни компании, група на компании или дури и општини) кои ќе бидат во можност да пренесат најмалку 2 MWh електрична енергија од дневните во ноќните часови. Заинтересираните страни ќе треба да аплицираат со свои проекти за заштеда или пренесување на својата потрошувачка од висока во ниска тарифа и да бидат селектирани преку јавен тендер. На овој начин Австрија планира да ја намали својата потрошувачка во високата тарифа и да заштеди на увоз на енергија.

    Шпанија и Португалија

    Двете држави од Иберискиот полуостров започнаа преговори со Европската Комисија за продолжување на Иберискиот Механизам за ограничување на цената на природниот гас. Преговорите се водат со Европскиот комесар за конкуренција Маргарет Вестагер во Брисел, а предлогот на двете влади е важењето на механизмот да се пролонгира до крајот на 2024 година, наспроти сегашниот рок до крајот на јуни месец 2023 година. Механизмот од влегувањето на сила до сега, обезбеди заштеда кај индустриските потрошувачи од 4.6 милиони евра додека учеството на гасните централи со комбиниран циклус во двата системи на Ибериските држави го зголемија своето учество во вкупното производно портфолио за повеќе од 30%. Со оглед на фактот што овие гасни централи со комбиниран циклус имаат фактор на ефикасност поголем од 55%, сите ефекти постигнати со Иберискиот Механизам се чини дека се позитивни, како од финансиски така и од аспект на заштита на животната средина.

    Понатаму, владата на Шпанија е првата членка на ЕУ која официјално поднесе сет мерки до комисијата за измена на дизајнот за внатрешниот енергетски пазар на унијата со кои предлози би се вовеле поразвиени трговски механизми на деривативните пазари за енергија (како на пример CfDs, Договори за разлики) со што ќе се зголеми и поедностави учеството на чистите извори на енергија во вкупниот биланс на произведена енергија без притоа да се користат поттикнувачки политики од страна на владите на земјите членки. Институционализацијата на внатрешниот пазар на енергија беше процес кој во Унијата се спроведуваше нешто повеќе од една деценија, а со развој на настаните кои доведоа до енергетска криза на Европскиот континент се покажа потребата од измени на пазарните правила кои ќе го направат пазарот по отпорен на било какви кризи со кои Европа може да се соочи во иднина, ценејќи го фактот дека Европа е увозно зависна од скоро сите видови енергија.

    Словенија

     Поради намаленото производство на лигнит од подземниот рудник Велење, термоцтенралата Шоштањ (единствената лигнитна термоцентрала во Словенија по затворањето на Трбовље), 5 години по ред бележи пад на своето производство на електрична енергија. Рудникот за лигнит Велење најверојатно нема да го зголеми своето производство бидејќи во 2033 година е планирано истиот да биде конечно затворен. Термоцентралата Шоштањ од друга страна веќе работи на инсталација на нова производна единица од 600 MW која ќе работи на јаглен но ќе има CCS (carbon capture and sequestration) технологија со нула емисии на стакленички гасови. За да се реши недостатокот на лигнит од рудникот Велење, ХСЕ (словенечката државна електро компанија) започна увоз на камен јаглен од источен Калимантан (Индонезија) преку своето пристаниште во Копар кое гориво ќе се блендира со домашниот лигнит (со учество од 12.5%) и на тој начин ќе се намали растечкиот увоз на електрична енергија поради намаленото производство на Шоштањ која покрива околу 30% од домашната потрошувачка.

    Грција

    Грција ја доби првата рата од 3.6 милијарди евра од Европската Комисија како поддршка за доразвивање на својата преносна мрежа и за поголемо вклучување на постоечки и нови обновливи извори на електрична енергија во својот систем. Дел од овие средства (1.7 милијарди евра) се грант, а остатокот е поволен кредит. Дел од средствата ќе бидат наменети за целосна интеграција на Егејските острови кон континенталниот дел од преносната мрежа со цел да се намали бројот на мазутни централи на островите како и подобро да се интегрираат обновливите извори на островите кон остатокот од системот. Исто така дел од средствата ќе се употребат за институционални промени, односно за измена на правилата за лиценцирање со цел уделот на обновливи извори во вкупното производно портфолио да изнесува 45% до 2030 година. Оваа програма за Грција е отворена до 31 декември 2026 година до кога државата ќе може да повлече вкупно 30 милијарди евра помош од Европската Комисија. Грција планира со оваа програма да овозможи нови инвестиции во преносната мрежа и инвестиции во обновливи извори од 15.5 GW инсталирана моќност.

    Вестите се пренесени од сервисот ARGUS Media (www.argumedia.com)

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ