Наскоро ќе биде во тек изградбата на нашиот гасен интерконектор со Грција, а планираме и гасни интерконектори со нашите соседи Србија и Косово, нагласува премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски ја истакна реализацијата на енергетските проекти како еден од трите приоритети за Северна Македонија во периодот на голема светска криза, во своето обраќање на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Солун.
Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.
Во однос на светската енергетска криза и растот на цените, како резултат на воената агресија врз Украина, Ковачевски посочи дека глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација преку платформи како што е ПСЈИЕ.
„Постои чувство на итност за натамошна заедничка координација со цел веднаш да одговориме на заедничките предизвици преку корисни платформи како што е ПСЈИЕ, но и во синергија со Европската Унија. Во тој поглед, ја поздравивме подготвеноста на ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во заедничката платформа за купување гас, со цел диверзификација на енергетските резерви, најмногу испораките на гас и зајакнување на енергетската безбедност“, рече Ковачевски.