петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Ковачевски на Самит на ПСЈИЕ во Солун: Посветени сме на зголемување на енергетската диверзификација

    Наскоро ќе биде во тек изградбата на нашиот гасен интерконектор со Грција, а планираме и гасни интерконектори со нашите соседи Србија и Косово, нагласува премиерот

     

    Премиерот Димитар Ковачевски ја истакна реализацијата на енергетските проекти како еден од трите приоритети за Северна Македонија во периодот на голема светска криза, во своето обраќање на  Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Солун.

    Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

    Во своето обраќање премиерот Ковачевски потенцираше дека трите клучни приоритети за нашата земја во овој период на најголема светска криза по Втората светска војна, се реализацијата на енергетските проекти, регионалната соработка, како и од неопходноста од интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

    Во однос на светската енергетска криза и растот на цените, како резултат на воената агресија врз Украина, Ковачевски посочи дека глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација преку платформи како што е ПСЈИЕ.

    „Постои чувство на итност за натамошна заедничка координација со цел веднаш да одговориме на заедничките предизвици преку корисни платформи како што е ПСЈИЕ, но и во синергија со Европската Унија. Во тој поглед, ја поздравивме подготвеноста на ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во заедничката платформа за купување гас, со цел диверзификација на енергетските резерви, најмногу испораките на гас и зајакнување на енергетската безбедност“, рече Ковачевски.

    Северна Македонија, рече тој, е посветена на зголемување на енергетската диверзификација и независност за поддршка на нашата национална безбедност, а со тоа ќе ги спречи влијанијата од климатските промени.
    „Во таа насока, Северна Македонија започна значајни проекти за  енергетска транзиција и инвестиции во обновлива енергија. Покрај двете стратешки инвестиции во обновливи извори на енергија во нашата земја на германска и француска компанија, сакам да го потенцирам постигнатиот договор за соработка за реализација на изградба на гасниот терминал и гасната централа во Александропули, каде што неодамна почна изградбата. Наскоро ќе биде во тек изградбата на нашиот гасен интерконектор со Грција, а планираме и гасни интерконектори со нашите соседи Србија и Косово поддржани со средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ“, истакна Ковачевски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ