вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    Вклучен е вториот блок на РЕК „Битола“, се анализира и можноста за активирање на ТЕЦ „Неготино

    Од Владата уверуваат дека граѓаните нема потреба да стравуваат, бидејќи АД ЕСМ за нив ги има обезбедено во целост количините на електрична енергија и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Исто така, се посочува дека се прават напори да се обезбедат  дополнителни количини на електрична енергија за да се амортизира ценовниот шок и на компаниите

     

    Во насока на обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК „Битола“, информираат од Владата. посочувајќи дека комбинатот сега работи со двата блока како што беше предвидено.

    Од Владата потенцираат дека граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи АД ЕСМ за нив ги има обезбедено во целост количините на електрична енергија и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Моментно цените се четири до пет пати повисоки и ова, според Владата, е показател дека таа направила добра проценка воведувајќи го универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи.

    „АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата. Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија,“се посочува во соопштението.

    Од Владата наведуваат и дека беше донесена и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата.

    „Ние како држава не можеме да влијаеме на случувањата на светските берзи и токму затоа правиме напори, преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството, да обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите“, велат од Владата.

    Како резултат на соработка со Стопанската комора, како што велат од Владата, договорено е да се преземат мерки да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, односно со зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштити стопанството и стопанските субјекти.

    „Со новите насоки, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што беше и објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК ‘Битола’ и за продолжување на работењето на РЕК ‘Осломеј’. Со оваа произведена енергија треба да се зацврсти електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар за македонските компании и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата“,се наведува во соопштението.

    Количините на јаглен за „Осломеј“ ќе се обезбедат, додека за „Битола“ е објавен нов повик и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен.

    Пропадна тендерот за набавка на јаглен за РЕК Битола

     

    Како дел од соработката со Стопанската комора, се анализираат и можностите за обезбедување мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ „Неготино“ да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели, очекуваме и ТЕЦ „Неготино“ да почне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година, потенцираат од Владата.

    Ковачевски: ТЕЦ „Неготино“ ќе се стави во функција доколку се обезбеди мазут

     

     

    Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, информираат дека постојат правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика.

    „Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на бaлансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси, испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, велат од Владата.

    Рамадани од МЕПСО за Телма: МЕПСО за еден месец ќе плати 15 милиони евра поради недозволеното преземање од европската мрежа

     

    Исто така, се посочува дека додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од буџетот. Евентуални такви мерки би можело да бидат донесени по изборите, но, како што се наведува, во секој случај ќе им биде излезено во пресрет на енергетските компании со цел одржување на сигурноста со снабдување во идниот период.

    „Ги уверуваме граѓаните, како и стопанствениците, дека државата е,и ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за да изнаоѓаме решенија, сè со цел зачувување на благосостојбата на граѓаните. Состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите чинители во енергетскиот сектор, со цел изнаоѓање на најоптимални решенија поради проблемот настанат пред се на светските берзи со електрична енергија“, се потенцира во соопштението од Владата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ