Енергијата од ветерот за производство на струја не е доволно искористена во земјава иако постојат добри географски потенцијали, што е потврдено од сите досегашни студии според кои има уште најмалку 15 поволни локации за изградба на ветерни паркови.

Покрај засега единствениот парк на ветерни електрани во Богданци, пуштен во употреба во 2014 година, вториот ветерен парк треба да се гради во близина на Миравци, кај Гевгелија, со кој се предвидува да се збогати енергетскиот систем со уште 127 гигават-часови струја.

Според последната Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, во земјава е предвидена изградба на електрани на ветер со вкупна инсталирана моќност од 750 MWh и вкупно проценето годишно производство на струја од околу 1.800 GWh.