петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Опозицијата продолжува со протестите пред Регулаторна

    Аргументацијата на владејачкиот СДСМ е дека најголемото поскапување на електричната енергија, како и укинувањето на ефтината тарифа, се случило во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога и Мицкоски беше директот на ЕЛЕМ 

     

    Нов протест против поскапувањето на струјата најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ за утре напладне пред Регулаторната комисија за енергетика во центарот На Скопје.

    Од ВМРО-ДПМНЕ  велат дека зголемувањето на цената на електричната енергија е основниот, ама не и единствен мотив за протестите, кои, како што велат, генерално се насочени против штетните политики на власта.

    Со поскапувањето на струјата како тема, ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по изборот на новата Влада, ги почна серијата протести, главно низ Скопје, ама и во други поголеми градови во државата.

    „Поради неспобноста на оваа Влада да се справи со пандемијата, од март до денес над 40.000 граѓани ги изгубија своите работни места и се оставени без никакви примања. Околу 100.000 граѓани  живеат во сиромаштија и 500.000 граѓани денот го минуваат со помалку од 130 денари, а власта предводена од Заев нема слух за ова.Во период на пандемија го зголемија и јавниот долг за милијарда евра и, без никаков срам, СДСМ се дрзна да покачи даноци и давачки на граѓаните односно ја покачија сметката за струја за 7.4 проценти“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ во прогласот за утрешниот протест.

    Во јули, набрзо по предвремените парламентарни избори, РКЕ донесе одлука за поскапување на струјата за 7,4 проценти, во период кога не беше избрана новата Влада.

    Во септември, опозицијата почна да излегува на протести, најчесто поради зголемената цена на струјата, додека аргументацијата на владејачкиот СДСМ е дека најголемото поскапување на електричната енергија, како и укинувањето на ефтината тарифа се случило во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога и Христијан Мицкоски беше директор на ЕЛЕМ.

    Според СДСМ, Мицкоски има директна одговорност што цената на струјата се покачи за 100 отсто за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Како што велат од СДСМ, за разлика од неодговорниот однос на ВМРО-ДПМНЕ, сега ЕСМ не купува, туку продава  електрична енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра.

    Директорката на МЕПСО Ева Шуклева изјави деновиве дека струјата не е социјална категорија и  дека може да се субвенционира со различни пакети од државата, но не и со непризнавање на реалните трошоци на енергетските компании.

    Од РКЕ, пак, укажаа деновиве дека се нотирани загуби во шестмесечните извештаи за работењето на компаниите во делот на електричната енергија, како последица од епидемијата со ковид-19.       

    (А.М.)

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ