среда, февруари 21, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕСМ му понуди на ЕВН Хоум 7,5 % поскапа струја за домаќинствата

    Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на регулираниот пазар за првите шест месеци од наредната година доби само една понуда. Понудувачот АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 57 евра за мегават час, за покривање на 95 отсто од вкупно планираните количини што е за околу 7,5 отсто повисока од претходната која беше добиена во јуни годинава на последниот тендер на универзалниот снабдувач, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 53 евра за мегават час.

    Дополнително, за покривање на останатите 5 отсто од вкупно планираните количини, ЕВН Хоум доби најповолна понуда од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегават час. Освен АД ЕСМ, на тендерот учествуваше и Соле24 ДООЕЛ.

    За покривање на загубите на електрична енергија, Електродистрибуција доби најповолна понуда од АД ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегават час. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегават час.

    Универзалниот снабдувач во наредниот период треба да ја пресмета цената на електричната енергија што ќе важи на регулираниот пазар од 1 јануари. Контролата на пресметката ќе ја врши Регулаторната комисија за енергетика која ќе ја одреди цената за пренос и дистрибуција на електрична енергија кои заедно со цената на електричната енергија се составен дел од сметките што ги плаќаат граѓаните.

    До крајот на годината треба да се избере и нов Универзален снабдувач. Дали ќе остане австриски ЕВН ХОУМ или ќе биде ЕСМ Продажба или некој друг ќе се знае наскоро.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ