петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Ќе се утврди и одговорност за случајот со токсичните деривати, велат од Владата

    Од ВМРО-ДПМНЕ, пак,  обвинуваат дека во случајот се вмешани Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Министерството и Инспекторатот за животна средина и Министерството за економија

     

    Апсолутно ќе има одговорност и Владата е одлучна да го истражи случајот, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на прашање дали некој  ќе сноси одговорност за наводите за увоз на токсични материи, но и зошто институциите претходно не утврдиле дека постои можност за такво нешто.

    Како што рече Арсовски, следните чекори што ќе бидат преземени ќе се знаат по извештаите што ќе ги достават задолжените институции, кои имаат рок од две недели да утврдат, секоја во својата надлежност, во врска со информацијата објавена од ИРЛ  за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина.

    „Апсолутно ќе има одговорност и затоа и се задолжение сите овие институции, во рок од две недели да достават извештај по што ќе се постапува. Државата во повеќе наврати укажува дека нема да прави компромиси со здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина“, рече Арсовски.

    Владиниот портпарол додаде дека се постапувало и досега, согласно со податоците кои ги имале од Царинската управа, како надлежна за спроведување на увозна постапка и наплата на давачки.

    „Во врска со работењето на фирмата, која беше посочена во ова новинарско истражување во периодот од 2018 до 2020 година Царинската управа земала мостра за анализа при увоз на царинење во 84 увозни постапки. По години во 2018 – 34, во 2019 – 37, во 2020 – 13 мостри. Во ниту еден од доставените примероци не е пронајдено поголемо количество сулфур од дозволеното. Секторот за истраги на Царинската управа извршува контрола на работата на фирмата со која е опфатено целокупното нејзино работење во периодот од овие три години“, рече Арсовски.

    Тој додаде дека по најавени сомневања за неправилности од други закони, кои се надвор од надлежноста на Царинска управа информиран е Државниот пазарен инспекторат, за да преземе обврски во делот на својата надлежност. Пазарниот инспекторат извршил надзор за увезени пратки  на ова фирма на 7 февруари 2019 година, при што земал мостра од нафтен дериват – мазут, а по извршената анализа од овластена лабораторија бил добиен резултат дека тој е во рамки на граничната вредности, согласно Правилникот за квалитет на течните горива .

    Владата вчера задолжи неколку институции да направат веднаш контроли и за 14 дена да и достават информации, а објавата на ИРЛ дека токсичните деривати при увоз влегувале како мазут и  се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава ја оцени како вонредна и итна.

    ВЛАДАТА ИМ ДАДЕ 14 ДЕНА НА ИНСТИТУЦИИТЕ ДА СПРОВЕДАТ КОНТРОЛИ ЗА СПОРНИОТ МАЗУТ

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска ја обвини Владата дека под нејзина „капа“  се загадува воздухот и страдаат сите граѓани.

    „Внесувањето на отпаден мазут и неговото регистрирање, при царинење во земјата како мазут за употреба во индустријата и домаќинствата, е организиран криминал од најголеми размери, кој не е возможен без знаење на врвот на власта“, се наведува во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

    Од партијата обвинуваат дека во случајот се вмешани Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Министерството и Инспекторатот за животна средина и Министерството за економија.

    „Систематски е труена нацијата. Во исто време, Југохром, кој не користеше мазут, е затворен само заради политичка одмазда. И неколку години по затворањето на Југохром Тетово и Скопје се повторни загадени. Се гледа дека Југохром не бил проблемот, а сега гледаме и што точно бил проблемот односно загадувачот. Загадувачот е отровниот мазут кој согорува во македонските институции и индустриски капацитет, со амин на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од „Брако“ демантираат дека на каков било начин се одговорни и поврзани со увоз или користење токсични масла.

    АНЃУШЕВ ДЕМАНТИРА КАКВА БИЛО ПОВРЗАНОСТ НА „БРАКО“ СО УВОЗ ИЛИ КОРИСТЕЊЕ ТОКСИЧНИ МАСЛА

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ