сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Анѓушев демантира каква било поврзаност на „Брако“ со увоз или користење токсични масла

    Потврда за тоа дека „Брако“, како што велат од оттаму, учествува во потрошувачката на мазут во државата со промили, е податокот дека компанијата годишно троши околу 100 тони мазут, а вкупната годишна потрошувачка С Македонија е околу 30 000 тони

     

    Од „Еуроникел индустри“, пак, реагираат дека компанијата е носител на А-интегрирана еколошка дозвола. Согласно бројните обврски што произлегуваат од оваа дозвола, меѓу кои и квалитетот на воздухот, во и околу фабриката се врши 24-часовно мерење на емисиите во воздухот и квалитетот на истиот

     

    Анѓушев, генералниот директор на „Брако“ – Велес ги отфрла како тенденциозни и невистинити наводите изнесени во прилогот „Заговор против воздухот“, емитуван на МРТ.

    Од „Брако“ демантираат дека на каков било начин се одговорни и поврзани со увоз или користење токсични масла.

    Во демантот се наведува дека правниот тим на „Брако“ ќе поднесе тужба кон  Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) – Скопје, под уредништво на Сашка Цветковска.

    „Ниту Кочо Анѓушев ниту ‘Брако’ – Велес се поврзани со увоз на некакви токсични масла или мазут, ниту, пак, „Брако“  е голем потрошувач на мазут во Македонија. Вистината е дека „Брако“ никогаш не увезол мазут, а минималните количини што ги троши за работа на погонот за цинкарата се набавуваат на пазарот во Македонија од увозници кои се занимаваат со таа дејност“, се наведува во демантот.

    Потврда за тоа дека „Брако“, како што велат од оттаму, учествува во потрошувачката на мазут во државата со промили, е податокот дека компанијата годишно троши околу 100 тони мазут, а вкупната годишна потрошувачка на мазут во С Македонија, како што е наведено и во емисијата, е околу 30 000 тони.

    Како што се наведува, и од вкупните годишни набавки на мазут,  кои се одвиваат преку секторот за набавки на „Брако“, само 15 отсто од потребите се од добавувачот наведен во емисијата Евротим.

    „Според Правилникот за течни горива, надлежен за контрола на составот и квалитетот на увезениот мазут во С Македонија е Пазарниот инспекторат, што значи дека, штом предметниот мазут бил дозволен и пуштен во промет од надлежни органи, „Брако“ нема сопствена лабораторија за да го проверува квалитетот“, истакнуваат од компанијата.

    Воедно, тврдат дека со завршувањето на новата инвестиција во погонот за поцинкување во „Брако“, од следниот месец ќе биде комплетно исфрлен мазутот како енергенс.

    „Новинарката Сашка Цветковска сето ова можеше да го дознае и да го изнесе во емисијата, доколку имаше желба. Контактот со неа беше веднаш воспоставен по телефонскиот повик кој беше емитуван во емисијата, но и по 3 месеци од поканата да дојде во просториите на „Брако“ и да се информира или да сними изјава од официјален претставник, таа не најде за потребно да сними или да испрати прашање. Напротив, си даде за право да прави крајно непрофесионални и тенденцизни шпекулации и со тоа да ѝ нанесува штета на една од поуспешните македонски компании“, истакнуваат од таму.

    Што се однесува до наводната конспиративна средба во Владата, Анѓушев потврдува дека навистина е остварена средба со Изудин Ахметовиќ. Но, како што се посочува, и,  според официјалните документи достапни во владината архива, на таа средба Ахметовиќ доаѓал како претставник на коморското здружение „Бизнис центар“ Тешањ – Јелавиќ од БиХ.

    „На средбата е дискутирано исклучиво за поканата кон македонската Влада за учество на саем и бизнис-форум и во ниту еден момент на таа средба не е спомнат мазут или која било друга тема. Во времето додека беше потпретседател на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев има остварено повеќе од 4.000 официјални средби“, се наведува во соопштението.

    Од „Еуроникел индустри“, пак, реагираат дека компанијата е носител на А-интегрирана еколошка дозвола. Согласно бројните обврски што произлегуваат од оваа дозвола, меѓу кои и квалитетот на воздухот, во и околу фабриката се врши 24-часовно мерење на емисиите во воздухот и квалитетот на истиот. Дополнителен мониторинг, како што се посочува во реакцијата, вршат и акредитирани лаборатории и сите овие податоци постојано се поднесуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Додаваат дека во изминатите три години, мерењата покажле дека квалитетот на воздухот е одличен, како и дека овие информации се достапни за јавноста.

    „Како компанија, за наши потреби,  бидејќи всушност квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, е важен за нашиот технолошки процес, вршиме интерни контроли на квалитетот, согласно со ИСО 9001 стандардот за квалитет, кој е имплементиран во нашата компанија. Покрај овие контроли, користиме и контрола од страна на акредитирани лаборатории. Досега од наша страна не се забележани неправилности. Ќе подвлечеме дека, како и секое друго правно и физичко лице кое купува на домашен пазар, ние немаме законска обврска да го контролираме квалитетот или потеклото на репроматеријалите. Тоа е обврска на увозникот кој поседува соодветна лиценца за увоз и институциите како контролен механизам“, се нагласува во соопштението.

    Од Еуроникел“ велат дека се производители на никел од светски калибар кој ги имплементирал сите најсовремени методи за заштита на животната средина.

    „За нас е исклучително важен квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, кои ги користиме во производниот процес, бидејќи колку е повисок квалитетот на енергенсите, толку е поголема ефикасноста, подобри се нормативите и повисок е квалитетот на нашиот финален производ – никелот, што е наша крајна цел, бидејќи нашиот никел се пласира на европскиот и светскиот пазар, каде наша конкуренција се производители од Европа, Америка, Канада, Австралија и други“, велат од „Еуроникел“, нагласувајќи дека им стојат на располагање на сите наделжни институции, со цел детекција на евентуални неправилности на пазарот со мазут, но и секакви други енергенси и репроматеријали кои би можеле да имаат влијание врз животната средина.

    Владата, на денешната седница, ја оцени како вонредна и итна информацијата на ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и, како што објави ИРЛ, се користеле за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.

    Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата, како што соопштуваат оттаму,  заклучи дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот, во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола.

    Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.

    Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

    Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

    Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз, согласно со Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

    Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ