петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Србија се врти кон зелена економија, се воведува и категорија купувач-производител на струја

    Владата во Белград усвои сет закони од областа на енергетиката кои, меѓу другото, треба да овозможат и привлекување грантови од ЕУ, како и средства на меѓународни финансиски институции, со цел да се зголеми енергетската ефикасност

     

    Неколку закони од областа на енергетиката усвоила Владата на Србија, како рамка  што ќе овозможи нови инвестиции и ќе ја насочи земјата кон зелена енергија и зелена економија.

    Како што пренесуваат српските медиуми, целта на законот за енергетска ефикасност и рационално користење на енергијата е да  се постигнат заштеди на енергија, безбедност на снабдувањето со енергија, да се намали влијанието на енергетскиот сектор врз животната средина и климатските промени и да се придонесе за одржливо користење на природните и другите ресурси. Се предвидува и формирање на дирекција за финансирање и поттикнување  енергетска ефикасност во Министерството за рударство и енергетика, наместо сегашниот буџетски фонд за подобрување на енергетската ефикасност. Со тоа, како што се проценува,  ќе се овозможи привлекување грантови од ЕУ, како и средства на меѓународни финансиски институции, со цел да се зголеми енергетската ефикасност. 

    На денешната седница е усвоен и предлог-законот за употреба на обновливи извори на енергија, со чија примена се очекува заштита на животната средина, борба против климатските промени, намалување на трошоците за граѓаните, енергетска транзиција, како и поедноставување и забрзување на процедурите.

    Новиот закон воведува премии на пазарот, наместо сегашните повластени тарифи, кои се задржуваат само за мали постројки, во согласност со правилата на ЕУ за државна помош. Како што се наведува, новиот систем на стимулации ќе ги изложи производителите на влијанието на пазарот и конкуренцијата, намалувајќи ги трошоците за граѓаните и економијата, истовремено обезбедувајќи стабилна и предвидлива законска рамка за инвеститорите.

    Воведен е институтот купувач-производител, што значи дека купувачите на електрична енергија, инсталирајќи соларни панели на покривите на зградите, произведуваат електрична енергија за нивните потреби и дека вишокот електрична енергија ја доставуваат до мрежата и ја намалуваат сметката за потрошена електрична енергија.

    Со измените на Законот за енергетика , како што се најавува, ќе се овозможи оваа област да се усогласи со законодавството на ЕУ. Измените и дополнувањата на постојниот закон ќе обезбедат сигурност во снабдувањето со енергија, заштита на интересите на сите учесници на пазарот, како и зголемување на конкуренцијата.

    Во исто време,  како што се посочува, ќе се создадат услови за понатамошен развој и функционирање на организираниот пазар на електрична енергија, за подобрување на транспарентноста и заштитата на конкуренцијата и недискриминаторското однесување. Исто така, со измените и дополнувањата се воведува и поимот енергетски загрозен купувач на топлинска енергија. 

    НАЈНОВИ ВЕСТИ