понеделник, април 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Германски грант за ЕСМ од 2,4 милиони евра за енергетска транзиција

    Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во понеделник потпиша договор за грант од 2,4 милиони евра со Германската банка за развој банка (КФВ), средства со кои ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК Битола, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола.

    Договорот беше потпишан во Владата од страна на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на  KfW банката за Северна Македонија и Косово, Рене Ешеманн, а на чинот на потпишување присуствуваа и премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анка Холштајн.

    Според премиерот Заев, со потпишувањето на договорот земјава е еден чекор напред во исполнување на зацртаните цели од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и во имплементацијата на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на државата.

    – Овие средства се обезбедени преку германската банка за развој, која е долгогодишен партнер на нашата земја преку нивните проекти за поддршка на економијата. Овие грант средства ни ставаат на располагање дополнителни 80, 5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти, истакна Заев, додавајќи дека еден од стратешките приоритеи на Владата останува користењето на обновливите извори на енергија и замената на јагленот со природен гас.

    Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски рече дека со грантот ќе биде финансирана изработката на физибилити студии и студии за влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите.

    Германската амбасадорка смета дека земјава е на вистинскиот пат бидејќи, како што посочи, се поддржуваат зелените инвестиции.

    Инвестициските проекти во обновливи извори на енергија што ЕСМ планира да ги реализира во следните пет години се во вредност од 500 до 600 милиони евра од кои дел ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со кредитни линии од европските финансиски институции и дел преку јавно приватно партнерство.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ