петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Во Новаци започна со работа најголемата фотоволтаична централа на Балканот

    Најголемата приватна фотоволтаична централа на Западен Балкан „ФЕЦ Новаци“ со капацитет од 55 мегавати и проектирано годишно производство од 85.000 мегават часови електрична енергија, инвестиција на компанијата „Меј Енерџи“ од 40 милиони евра што се простира на површина од 57 хектари во општина Новаци на само 50 метри од одлагалиштето на јаловина од рудникот Суводол, денеска официјално беше пуштена во работа. Централата ќе ги задоволува годишните потреби на 30.000 семејства за електрична енергија.

    На настанот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и министрите Славјанка Петровска, Крешник Бектеши, Благој Бочварски.

    -Зборуваме за иднината и за нови проекти кои носат стабилност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија што значи силна економија и подобар животен стандард за граѓаните. Не случајно не нарекуваат земја на сонцето. Убеден сум дека оваа фотоволтаична централа ќе дава за 20 до 25 отсто повеќе од предвидениот капацитет од 85.000 мегават часови зашто сончевата инсолација во нашата земја е најдобра во однос на сите држави во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски во својот говор.

    Тој посочи дека оваа земја на сонце која во моментов е пример за енергетска трансформација може да биде најдобриот пример како земја-членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја-членка на Унијата.

    – Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа, рече Ковачевски.

    Истакна дека во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати од обновливи извори на енергија, во моментов има 450, а до крајот на годината, како што кажа, ќе достигне до 600 мегавати.

    -Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција. „ППЦ“ од Грција во конзорциум со „Архиродрон“ треба да го изградат овој проект и да го работат заедно со државната компанија ЕСМ. Проектот треба да се реализира за седум години, рече Ковачевски и додаде дека таму ќе биде изградена брана од 192 метри што е една од највисоките светски брани.

    Во план е, посочи, изградба на најголемиот агриволтаичен парк „Стипион“ од француската компанија „АКИО“ со капацитет од 400 мегавати, најголемиот ветерен парк „Вирови“ од 400 мегавати на германската компанија „ВиПиДи“ и нова когенеративна електрана на природен гас од грчката компанија „Митилионеос“.

    -Токму ние ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј. На постојната стара термоелектрана со капацитет од 120 мегавати, во моментот има изградено една фотонапонска централа од 10 мегавати на локацијата на стариот рудник и дополнително во фаза на градба се уште 100 мегавати од страна на приватни инвеститори. По истиот принцип, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 мегавати фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. На локацијата во РЕК Битола, планирана е изградба и на комбинирана гасна централа, која во иднина ќе може да работи и на водород и на тој начин целосно ќе се исфрли јагленот од употреба, истакна Ковачевски.

    Шефќет Демировски, генерален директор на „Меј енерџи“, истакна дека нивниот капацитет во Новаци е целосно проектиран и изграден од домашни компании.

    -Овој проект ќе придонесе за создавање на еколошки поздрава средина и економски подобро општество. Преку сонцето тука ќе се создаваат 85 милиони киловат часови електрична енергија, рече Демировски.

    „ФЕЦ Новаци“ е изградена на целосно приватно земјиште. Градежните работи за изградба на фотонапонската централа започнаа лани во ноември. Се состои од 101.062 фотоволтаични панела. Оперативниот период на работа и е 25 години.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ