петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Собранието го тргна од дневен ред спорот за ГА-МА, ама отвори спор со опозицијата

     

    Додека Мицкоски најавува ревизија и одговорност за донесувањето на Законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, парламентарната опозиција се надева на претседателско вето.

    Покрај преписката меѓу Макпетрол и Мицкоски, реагираше и Стопанската комора, од каде што предупредуваат дека треба да  престане практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување произволни констатации

     

    Собранието денеска изгласа решение за долгогодишниот спор меѓу Владата и Макпетрол за државниот гасовод, ама паралелно отвори нов спор – со опозицијата, која сега очекува вето од претседателот Стево Пендаровски и најавува дека, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, ќе го „урне“ договорот за ГА-МА.

    Според опозицискиот лидер  Христијан Мицкоски, станува збор за штетен договор за што ќе има одговорност.

    „Ви ветувам дека една од првите точки  што ќе ги разгледа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде штетниот договор за ГА-МА, за кој Владата на Макпетрол ќе му исплати 33 милиони евра“, најави  Мицкоски.

    Тој испрати порака и до раковдството на Макпетрол – исто,како што посочи, и на луѓето од власта.

    „Никогаш не ми била целта да влијаам или да ја диригирам уредувачката политика на Телма телевизија, како што тврдат во своето соопштение, тоа го оставам на Заев. А ако имаат доказ за овие нивни тврдења јавно ги повикувам да ги објават. Во спротивно стануваат телевизија на лажни вести и цензори на вистината“, напиша Мицкоски на фејсбук.

    Претходно, од Макпетрол соопштија  дека државата купила функционален гасовод по реална цена и истовремено го обвинија Мицкоски дека се обидувал да влијае врз уредувачката политика на Телма.

    „Ги прашуваме пратениците од опозицијата, ако се толку многу загрижени за граѓаните во нашата држава, зошто експресно и без дискусија беше изгласан Законот за финансирање на политичките партии од буџетот? Дали тука водеа сметка за парите и за потребите на граѓаните или за своите лични интереси? Јавноста треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон Макпетрол, ТВ Телма и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на ТВ Телма“, велат од Макпетрол.

    Со реакција – посебно во однос на настапите на опозицијата, се јави и Стопанската комора, од каде што апелираа приватниот сектор да не се става во политички контекст без аргументи.

    Недозволиво е, смета Комората, да се прави јавен линч на компаниите, кои градејќи јавно приватно партнерство реализираат дополнителни инвестирања, креираат нови работни места и ги спроведуваат меѓународните стандарди и принципи во своето работење.

    „Во изминатите денови, во рамки на собраниската расправа поврзана со уредувањето на спорот за компанијата ГАМА, оператор на системот за пренос на природен гас, сведоци бевме на бројни квалификации кои се надвор од стандардите на современите парламентарни демократии. Ваквиот наратив негативно влијае на репутацијата на засегнатата компанија Макпетрол АД Скопје, а влијае и врз берзата и врз слободниот пазар на кој се заснова нашата економија, но и се деградира институтот јавно-приватно партнерство, со што се нанесува ненадоместлива штета на стопанството, но и на државата, особено имајќи предвид дека предмет на дискусија е спогодба постигната пред Европската енергетска заедница“, наведува Комората.

    Потребно е, потенцираат од Стопанската комора, да се престане со практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување произволни констатации кои нанесуваат штета на угледот на компаниите.

    „Компаниите треба да се оценуваат единствено преку критериумите на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени. Апелираме и на доследно почитување на применливата законска регулатива, а доколку постојат, сите можни сомневања во однос на постоење/непостоење конфликт на интереси и незаконитости, тие да бидат изнесени пред надлежните државни органи за да се спроведат сите потребни дејства во насока на нивно расчистување“, се нагласува во реакцијата од Комората.

    Како што и најавуваше во текот на тензичната и маратонска расправа за Законот за решавање на спрот меѓу Владата и Макпетрол, опозицијата, веднаш  по гласањето,  побара претседателот Пендаровски да не става потпис на законското решение.

     

    Двајцата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, и официјално поднесоа барање до претседателот на државата да го употреби своето уставно право на суспензивно вето. Според Левица, Законот за спорот околу гасоводот е спротивен на амандманот XXV од Уставот, според кој вели судската власт ја вршат судовите, така што, како што оценуваат од партијата, парламентот е ставен во позиција на „преки суд“ кој, по брза постапка и со закон, решава судски спор кој трае над 15 години. Од Левица оценуваат и дека новиот закон е привилегирачки и спротивен на чл. 55 од Уставот, бидејќи воведува партикуларен режим на решавање стопански спорови меѓу една приватна компанија и државата, спротивно на уставно загарантираната „еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“.

    Пендаровски не се огласи досега. Сепак, и во случај да стави вето, тој не би можел да спречи реализација на решението за спорот за ГА-МА, освен што би го одложил процесот. Во таков случај, законот би се вратил во Собранието и, ако повторно биде изгласан со 61 глас, претседателот би бил обврзан да го потпиш указот за негово стапување на сила.  (А.М.)

    НАЈНОВИ ВЕСТИ