среда, мај 1, 2024
spot_img
Повеќе

    Заврши изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола

    Завршија градежните работи на гасоводната делница Неготино-Кавадарци-Битола, во должина од 92 километари. На заварувањето на последната цевка за заокружување на изградбата денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на АД Национални енергетски ресусри (НЕР) Бајрам Реџепи очекуават на овој крак наредната година да се направи спојување со интерконекторот со Грција. Со учеството во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, посочи премиерот, се  обезбедува закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени.

     

    – Со завршувањето на работите на делницата Неготино – Битола,  ја спојуваме целата делница од Куманово до Битола во должина од  188 километри. Се исполнува планот за реализација на големиот проект за гасификација на државата. Во изминатиот период, со посветена работа на сите вработени во Национални енергетски ресурси НЕР, успешно е завршена реализацијата на делниците Штип-Неготино во должина 36 километри и делницата Неготино- Кавадарци-Битола во должина 92 километри.  Делницата Скопје-Тетово-Гостивар 76 километри и кракот Тетово од 10 километри, е во завршна фаза и се очекува наскоро да завршат градежните работи и таму, информираше премиерот.
    Ковачевски рече дека компаниите од овој регион, а и регионот на Прилеп и Битола сега можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот.

    Премиерот најави дека во близина на оваа делница ќе се гради и планираниот интерконективен гасовод со Република Грција, од Неготино – до границата со Грција во должина од 67 километри.  Очекува во текот на наредната година да започне и изградбата на овој интерконективен гасовод, а проектот е усогласен со националните цели и приоритети и е во согласност со политиките на Европската Унија. Ковачевски потенцираше дека со овој проект и со досега завршените делници,  Република Северна Македонија ги исполнува условите да биде транзитна земја, но и да заработува од транзитот на природен гас.

    – Веќе се работи на техничка документација на нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што веќе добивме подршка од Енергетската Унија. Со овој проект добиваме пристап до природен гас од Азербејџан, односно од наоѓалиштето во Шах Денис и истиот ќе се користи и во Северна Македонија, а и во земјите од регионот. Диверзификацијата е најзначаен сегмент за обезбедувањето на енергетската сигурност на една држава, а ние токму тоа го правиме. Наместо, да бидеме зависни од еден извор на гас и секоја година да е неизвесно каква цена ќе добиеме и за која количина, ние обезбедуваме предвидливост за нашата економија. Сега ќе имаме пристап до природен гас од целиот свет, од сите држави кои го произведуваат. Во Грција работи еден терминал на течен природен гас на островот Ревитуса, а  ние ќе бидеме еден од учесниците во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи. Со тоа обезбедивме закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени, изјави премиерот.
    Тој потсети дека  во употреба беше пуштен и гасоводот помеѓу Грција и Бугарија и оти на тој начин ни се отвара можноста и за складирање на одредена количина на природен гас и во Чилен во Република Бугарија.
    Досега во земјава се изградени гасоводите Штип – Неготино и Неготино – Кавадарци – Битола, а се финишираат делниците Скопје – Тетово – Гостивар и кракот до Тетово, со вкупна должина од 200 километри. Сепак, низ ниту еден од нив се уште не протекол природен гас.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ