сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    Владата утврди законска рамка за повисока еколошка такса

    Според премиерот, и со новата вредност на еколошката такса за нафтените деривати, Северна Македонија и понатаму има најниска такса за доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“

    Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев ќе собере 54 милиони евра годишно од зелената такса, а ќе остави илјадници семејства со  егзистенцијални проблеми

     

    Владата, на 82 седница, ги утврди предлог- измените на законот за животна средина, кои предвидуваат повисока еколошка такса.

    Со предложените измени, кои одат во собраниска процедура, се предвидува зголемување на давачката за увоз на нафтени деривати во земјава за 3,5 денари за моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и за авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстра лесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут). Се предвидува и зголемување од 3,1 денар за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013г/л ,како помалку загадувачки нафтен дериват.

    Како што образложија од Владата, основната цел поради која се предлагаат овие измени и дополнувања се доуредување на делот за финансирање во животната средина, доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и прибирање на потребните средства за преземање мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

    Премиерот Зоран Заев изјави за Телма дека сите пари од еколошката такса ќе одат во еколошкиот фонд, кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилни горива кон енергенсите од обновливи извори на енергија. Според него, стопанствениците не треба да бидат загрижени дека оваа мерка ќе ги зголеми цените на моторните горива.

    „Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и граѓаните треба да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголемо од 0,07%. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари што ја воведовме заради ублажување на последиците од ковид-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“, изјави Заев.
    Тој  додаде дека и со новата вредност на еколошката такса за нафтените деривати, Северна Македонија и понатаму има најниска такса за доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и за прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

    Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, т.н. зелена такса ќе значи покачување на цената на горивата за нови 4,13 денари.

    „Зголемувањето на цената на горивата ќе значи зголемување на цените на цела низа производи, во чие производство се користат горивата, ќе се зголеми цената и на транспортните услуги и трошоците на земјоделците. Заев ќе собере 54 милиони евра годишно од зелената такса, а ќе остави илјадници семејства со проблеми во егзистенцијата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ