Од почетокот на оваа и од крајот на минатата недела со работа започнаа виртуелните производители на електрична енергија во земјата, откако операторот на пазарот МЕМО ги запиша првите учесници во регистерот, објави порталот „фактор“.
ЕВН Електроснабдување, ЕДС, РЕС и Мист Енерџи Еко се компаниите кои отсега ќе може да купуваат електрична енергија од сите производители на струја од обновливи извори (сонце, вода, ветер и биогас) и интегрирано да ја продаваат по стабилна цена на крајните потрошувачи, кои најчесто би биле компании.
Со впишувањето во регистарот на националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО, според новите правила, виртуелните производители можат да ги остварат првите трансакции.
– Тоа е нов и добар бизнис концепт со кој овие виртуелни производители ќе купуваат електрична енергија од производителите на електрична енергија од обновливи извори на енергија, кои во овој случај сега не мора да имаат лиценца, и потоа интегрирано од еден центар ќе ја продаваат на крајни потрошувачи, изјави добар познавач од бизнисот кој сакаше да остане анонимен во случајов.
Според правилата на пазарот на електрична енергија, овие компании треба да понудат поголеми количини на струја од обновливи извори, со постабилни цени и да бидат еден вид на интегратори.