Високи претставници на турската компанија АКСА денеска беа во посета на АД ЕСМ, при што изразија интерес за инвестирање во енергетскиот сектор во земјава, а воедно двете енергетски компании се запознаа со делокругот на работа и дејностите што се изведуваат во рамките на секоја фирма.
-Од страна на раководството на АД ЕСМ, претставниците на АКСА беа запознати со тековните инвестиции, односно изградбата на електрани од обновливи извори, а пред сè фотоволтаични и ветерни електрани, како и плановите за нови капацитети од обновливи извори кои ќе бидат лоцирани на исцрпените наоѓалишта на јаглен во РЕК Битола, по примерот на веќе реализираните проекти во РЕК Осломеј, како и на други места во рамките на постоечките производни ткапацитети на АД ЕСМ, посочуваат од ЕСМ.
АКСА е најголемиот самостоен производител на електрична енергија во Турција, преку електрани на различни погони: јаглен, природен гас, мазут и хидроелектрани.
Средба на Пендаровски со турскиот министер за енергетика и природни ресурси
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска оствари средба со Фатих Донмез, министер за енергетика и природни ресурси на Република Турција, на која, како што информираат, било изразено задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка помеѓу двете земји, коишто се развиваат во духот на традиционалното пријателство и партнерство.
Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, соговорниците разговарале за состојбите и предизвиците во областа на енергетиката, предизвикани од војната во Украина, како и за справување со последиците врз економиите на државите, при што оцениле дека и покрај добрата економска соработка, двете држави треба да ја интензивираат и соработката на енергетски план, согласно движењата на политиките во светски и европски рамки.
Претседателот Пендаровски изразил очекување за финализирање на меморандумот за соработка во областа на енергетиката помеѓу двете држави, што ќе придонесе за зголемување на соработката, размена на искуства и поддршка во делот на гасификацијата.