петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Трансформаторот за РЕК „Битола“, денеска пристигнува во Солун, утре тргнува кон Битола

    Во јануари ќе има можност сите три блока на РЕК „Битола“ да работаат во исто време и да испорачуваат електрична енергија, изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

    На прес-конференција во РЕК „Битола“, Ковачевски потврди дека попладнево од Истанбул со брод до Солун ќе стигне трансформаторот потребен за работа во грејната сезона што е во тек.

    „Трансформаторот за РЕК ‘Битола’, Блок-3 имаше одредени проблеми во транспортот, но денес во попладневните часови трансформаторот со брод од Истанбул попладнево ќе биде истоварен во Солун каде што има екипи од РЕК ‘Битола’ за преземање на трансформаторот, а потоа утре транспортот ќе тргне кон Битола, односно за два до три денови да стигне на граничниот премин Меџитлија. Подготвени сме да го прифатиме трансформаторот, да се инсталира на својата позиција и да почне приклучок во мрежа кое вообичаено се одвива 14 денови. Тоа значи дека ние кон крајот на месецов или почетокот на јануари, до 10 јануари треба Блок-3 да го имаме во функција во актуелната грејна сезона. Во јануари ќе има можност сите три блока на РЕК Битола да работаат во исто време и да испорачуваат електрична енергија“, изјави Ковачевски.

    Од АД ЕСМ информираа дека во моментов на депонија има над 280.000 тони јаглен, и тоа ќе овозможи сигурно работење на три блока.

    Дополнително со јаглен се снабдува РЕК „Осломеј“ и е во функција, ТЕЦ „Неготино“ работи со два котли и максимална снага за што испорачува 160 мегавати на мрежа, функционална е и гасната електрана во Скопје, како и сите 24 турбини на хидроелектраните во земјава се во функција бидејќи има добар хидропотенцијал.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ