АД „Електрани на Северна Македонија“ информира дека ТЕЦ „Неготино“ од денеска е вклучена на мрежа откако пред 24 часа завршиле ремонтните и сервисните активности во термоелектраната.
Во моментов, како што посочија оттаму, термоелектраната произведува електрична енергија со еден котел.
„Согласно протоколот за работа на термоелектраната, активирање на вториот котел за постигнување на максимален капацитет е планирано за следната недела, по стабилизирање на системот. Вкупниот капацитет за производство не ТЕЦ ‘Неготино’ изнесува 180 мегавати, односно инсталиран капацитет колку што има еден блок на РЕК ‘Битола’“, соопштија од ЕСМ.
Од ЕСМ додаваат дека по изградбата на ТЕЦ „Неготино“ во 1978 година, ова било нејзино прво големо отворање и ремонтирање на генераторот.
Во меѓувреме, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека ТЕЦ „Неготино“ не произведува струја зашто е расипан генераторот, а не поради направениот ремонт.