Трите енергетски компании ги доставија своите барања до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.
Државниот производител ЕСМ за првата половина од наредната година понуди струја по 56 евра за мегаватчас, наместо досегашните 48 евра, или 16% поскапо од сегашната. Оваа цена не зависи од РКЕ, туку ја одредуваат ЕСМ и Владата.
Преносниот оператор МЕПСО побарал поскапување на нивните услуги за 29,75 проценти, а дистрибутерот ЕВН Електродистрибуција поевтинување за 2,8 проценти.
– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Од 1 јануари данокот на додадена вредност за струјата се зголемува од 5 на 10 проценти.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) деновиве треба да соопштат дали ќе поскапе струјата и колкаво ќе биде поскапувањето.
Претседателот на РКЕ информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.
На почетокот на 2021 година струјата поскапе за 10 отсто, а летоска уште еднаш за во просек 7,4 отсто. Од 1 август беа воведени таканаречени блок тарифи за скапа струја, па така тие што трошат повеќе плаќаат поскапа струја. Евтината струја има иста цена независно од потрошувачката.
Беа воведени 4 блока – најевтино се плаќаат првите 210 киловатчаса скапа струја, малку поскапо потрошувачката меѓу 210 и 630 киловачаса, уште поскапо од 630 до 1050 киловатчаса месечно, а секој киловатчас над оваа граница потрошен во скапа тарифа е значително поскап.
За следната година, како што нагласи Бислимоски , „ЕВН Хоум“ бара 3.900 гигават часови електрична енергија што 100-процентно ќе ги обезбеди АД ЕСМ, додавајќи дека не се предвидува увоз на струја за потребите на регулираниот пазар до 30 јуни идната година.