петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Стартуваше Македонската берза на електрична енергија, на првиот ден истргувани 500 мегават часови, просечната цена 7.125 денари

    Денеска официјално почна тргувањето на Македонската берза на електрична енергија при што на тргувањето учествуваа 20 од вкупно 22-те компании кои склучија договор со МЕМО за учество на берзата. Беа истргувани околу 500 мегават часови електрична енергија или во просек околу 20 мегават часови во час со просечна цена од околу 7.125 денари која е приближна на цените во регионот и во Европа.

    „Овој ден ќе го запаметиме по тоа што денеска во 10:35 часот за првпат се затвори портата за тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден – однапред во нашата земја“, рече управителот на Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски на настанот со кој се означи офцијалниот почеток на работата на берзата.

    Тој нагласи дека со ова се добиват референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда.

    „Денеска се случи безбедно и без никаков проблем тргување на електричната енергија на нашиот организиран пазар, рече Шутиноски.

    Осврнувајќи се на процесот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија, тој посчи дека не бил лесен, како и дека бил исполнет со повеќе предизвици.

    Процесот почна со донесување на Законот за енергетика во 2018 година со кој беше транспониран третиот енергетски пакет од европското законодавство во домашното, и се создадоа услови за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија. Следуваше период на истражување на пазарот, се работеа студии за институционална поставеност на организираниот пазар, пазарот ден-однапред, за во 2020 година Владата на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да го назначи Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија  – МЕМО за Номиниран оператор на пазар на електрична енергија, популарно кажано NEMO, низ процес согласно европската CACM регулатива, со што во тој момент Северна Македонија беше прва земја од земјите од Западен Балкан, која го исполни овој услов од европското законодавство, посочи Шутиноски.

    Тој нагласи дека Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија. На трговците и снабдувачите на електрична енергија, па дури и на големите директни потрошувачи ќе им овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.

    Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД, во писмо испратено до МЕМО по повод почетокот со работа на правата Македонска берза за тргување со електрична енергија истакна дека работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за  болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар  – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја.

    Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер во обраќањето пред присутните истакна дека берзата преку размена на електрична енергија ќе овозможи голем број бенефиции за Северна Македонија, ефикасно креирање на цените на електрична енергија, но и бенефиции за заинтересираните инвеститори.

    Нагласи дека берзата, особено поволно ќе влијае на секторот за обновливи извори на енергија и врз напорите на земјата за зголемување на количините на обновлива енергија, што ќе даде поттик за придвижување кон декарбонизирачката енергетска иднина.

    Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.

    „Уверен сум дека отворањето на денешниот пазар ден – однапред  во Северна Македонија ќе овозможи во иднина да може да се приклучиме на единствениот пазар ден – однапред и да имаме соодветно прекугранично поврзување. Воведувањето на пазарот ден – однапред ќе овозможи да се направи уште многу и ќе може да се повикаат потенцијални инвеститори“, порача Лорковски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ