петок, јуни 21, 2024
spot_img
Повеќе

    Србија ќе се приклучи на интерконекторот со Грција

    -Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени сме немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Ако излезете на север од овде на Хоргош, граници нема до Скандинавија. Ако сакате да одите на Балканот, на секои 100 километри имате граници. Ако некои проекти не ги сакам, тоа е унапредување на граничка контрола. Западниот Балкан го замислувам без граници, интегриран во ЕУ, рече премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со српската премиерка, Ана Брнабиќ.

    Тој додаде дека „границите кои се во моментов меѓу земји кои се пријателски и имаат бесцарински режим меѓу себе се извор на корупција и ништо друго“.

    Премиерот истакна потоа дека билатералните односи се без отворени прашања, а соработката сестрана.

    „Трасиравме пат за нови иницијативи и за заедничка соработка во иднина“, рече Ковачевски, притоа посочувајќи ја важноста и значајноста на иницијативата Отворен Балкан и бенефитите што граѓаните и стопанството ги имаат од оваа иницијатива. Тој и Брнабиќ притоа потпишаа меморандуми за соработка во областа на рударството и енергетиката, како и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.

    Со Меморандумот за соработка за интероперабилен електронски систем за наплата на патната такса, како дел од процесот Отворен Балкан, се овозможува граѓаните на двете држави да можат да плаќаат патарина преку електронскиот систем користејќи иста електронска картичка или електронски таг во двете земји. Ова создава услови за зајакнување на соработката во областа на патниот сообраќај, развој и модернизација на транспортниот систем, подобрување на меѓусебната поврзаност, како и дополнително укинување на административните бариери заради слободно движење на патниците.

    „Сега ги продолжуваме понатамошните дискусии за усогласување на ова интероперабилно електронско плаќање, имаме 30 дена за усогласување, а дополнителни 60 дена за тестирање на овој систем и очекувањата и планот се дека овој систем ќе го ставиме во функција во текот на летната сезона“, рече Брнабиќ на заедничката прес-конференција.

    Меморандумот за соработка во делот на енергетиката се однесува на гасниот интерконектор што ќе се гради меѓу Северна Македонија и Грција и кон кој, според денешните најави, ќе се приклучи и Србија.

    Меморандумот потпишан помеѓу министрите за внатрешни работи се однесува на олеснување и забрзување на протокот на патници и возила на граничниот премин Табановце-Прешево.

    „Свесни за високото ниво на фреквенција на патнички возила што се создава на овој граничен премин, тимови на министерствата за внатрешни работи, ИТ-секторите и граничните полиции, царинските управи како и министерствата за транспорт и врски од двете земји работеа неколку месеци на изнаоѓање решенија. Дефинирани се повеќе типови мерки со чија имплементација ќе се унапреди, олесни и забрза протокот на патници и возила. Мерките се однесуваат пред сѐ на теренската инфраструктура и на моделот на заедничко гранично управување“, се наведува во соопштението од Владата.

    Во текот на следниот месец треба да се усогласи и терминот за третата заедничка седница на двете влади што ќе се одржи во Србија. Брнабиќ истакна дека Србија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија. Таа најави дека 5 април ќе биде потпишан надополнет меморандум за соработка во евроинтеграциите меѓу Северна Македонија и Србија.

    Северна Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата Отворен Балкан, во недела ќе се претстават на заеднички штанд на најголемиот саем за вино во Италија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ