петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Се очекува поскапување на струјата до 10 отсто

    Официјалните податоци ќе бидат објавени на 9 декември кога ќе се објави понудата на државната ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, кој набавува струја за домаќинствата и малите потрошувачи

     

    Цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе се зголеми до 10 отсто, најавил министерот за економија, Крешник Бектеши, за емисијата „Економски магазин“ на Алсат.

    Официјалните податоци ќе бидат објавени на 9 декември кога ќе се објави понудата на државната ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, кој набавува струја за домаќинствата и малите потрошувачи.

    „Да бидам искрен, на затворена владина седница веќе е усвоена одлука со која ЕСМ ќе учествува на јавен тендер објавен од универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН Хоум. Јас само можам да потврдам дека крајната цена, според сите проекции што ги правевме како енергетски тим во рамки на Владата, нема да биде над 10 отсто за домаќинствата и граѓаните“, вели Бектеши.

    Според Алсат неизвесно е и дали по Нова година граѓаните ќе имаат преку ден евтина тарифа на електричната енергија. За оваа се уште се преговарало. Доколку се укине евтината тарифа тогаш владата планира дополнителни субвениции на ранливите категории на граѓани за подмирување на сметките за струја.

    Она што е сигурно е дека останува евтината тарифа за време на ноќните часови и во неделата.

    Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, изјави вчера дека се очекува Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија, а потоа на 9 декември да се достави понуда до ЕВН Хоум и да почнат подготовки за реализација на планот за 2022 година.

    На прес – конференција во РЕК Битола, Ковачевски потврди дека во 2022 година кон ЕВН Хоум ќе испорачуваат 100 проценти електринчна енергија наместо досегашниот минимум од 60 отсто.

    „Ги направивме сите подготовки за утврдување на цената на електричната енергија со план за производство, финансиски план и план за јавни набавки за 2022 година, со табела од цени доставени до Владата која пак треба да донесе одлука со препорачана цена за количините на електрична енергија што АД ЕСМ ќе ги испорачува на ЕВН Хоум како универзален снабдувач на енергија за малите потрошувачи и за домаќинствата. Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија. Тоа значи дека таа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија, итака што АД ЕСМ ќе остане чувар или стабилизатор на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи“, истакна Ковачевски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ