понеделник, април 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Оние што ќе градат фотоволтаични централи ќе мора да инсталираат и батерии

    Од годинава оние кои што ќе градат фотоволтаични централи најверојатно ќе мора да инсталираат и батерии со цел да се балансира снабдувањето со електрична енергија. Според најавите, таквата обврска ќе биде од 10 – 20 отсто од инсталираниот капацитет на фотоволтаичната централа, што ќе доведе и до зголемување на инвестицијата за околу 20 до 30 отсто.

    -Веќе имавме средба со директорот на МЕПСО, а со измените на Законот за енергетика се воведува можност за носење на подзаконска регулатива за батериите. Најверојатно секој што ќе изгради фотоволтаик ќе има обврска да постави батерии со инсталиран капацитет, кој ќе може да акумулира 10 до 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија. Тоа ќе ја зголеми инвестицијата за 20 до 30 отсто, но Европската комисија нуди сериозни субвенции за батерии и верувам дека ќе важат и за нашата земја со што нема значајно да се зголеми инвестицијата, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

    Поставувањето на батерии, како што кажа, иако првично изгледа како трошок може да биде и позитивно за спречување на дебалансите и овозможување на израмнување на дијаграмот за производство со што трошокот за обврската за балансирање на системот во целост нема да оди кај ЕСМ.

    -Ако производителот на електрична енергија со фотоволтаик не се држи до номинацијата за производство и од било кои причини се намали производството со што ќе влезе во дебаланс, тој дебаланс многу повеќе би го чинел отколку што би го чинела инвестицијата во батерии, посочи Бислимоски и додаде дека батериите им даваат стабилност на фотволтаичните електрани за да можат да го планираат производството, рече Бислимоски.

    Регулаторната комисија за енергетика има издадени 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори.

    „Тоа се производствени капацитети кои што се приклучени или на преносна или на дистрибутивна мрежа и произведуваат електрична енергија. Најмногу, 106,5 мегавати се фотоволтаични електрани, 36 мегавати се ветерна електрана, прва приватна инвестиција во ветерна електрана во Свети Николе, потоа 7,2 мегавати се мали хидроелектрани и 2,5 мегавати се електроцентрали кои што користат биогас од биомаса“, рече Бислимоски.

    Споредено со 2021 година вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија е зголемен за седум проценти.

    Како што посочи Бислимоски, ваквиот инсталиран капацитет на електраните од обновливи извори на енергија одговара на инсталираниот капацитет кои што го имаат ХЕЦ „Козјак“, ХЕЦ „Света Петка“ и ветерниот парк во Богданци.

    „Се разбира производство т на електрична енергија од фотовалтаиците  е помало, но како инсталиран капацитет сме на тоа ниво“, рече Бислимоски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ