Хидроелектраната Чебрен ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и потенцијал од многу повеќе. Ќе работи во каскаден систем со постојната ХЕЦ Тиквеш која е на истиот слив на Црна Река, што значи дека ќе биде каскаден систем со над 400 MW. Сепак, важноста на оваа инсталација не е само додадениот капацитет, туку улогата што ќе ја има во балансирањето на мрежата и помагањето во нашата транзиција кон обновлива енергија, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во интервју за Фактор, одговарајќи на прашања поврзани со ХЕЦ Чебрен.
Нуредини укажува дека обновливите извори како што се сончевата енергија, ветерот итн. не се постојани и ќе им треба средство за балансирање кога тие не произведуваат, односно средство што може веднаш да го замени произведениот капацитет што недостасува.
Според Нуредини, двете хидроцентрали вкупно би произведувале околу 1200 GWh на годишно ниво што е зголемување за 33 отсто на домашното производство на електрична енергија, а државата ќе може да обезбеди електрична енергија за дополнителни околу 180 илјади домаќинства само од производството на хидроцентралата Чебрен. Тој посочува дека изградбата на хидроцентралата Чебрен влегува во зелените политики кон кои како држава сме ориентирани.
– Имајќи ги предвид случувањата со економската и енергетската криза, како што и претходно напоменав и последиците од недостиг на електрична енергија на глобално ниво, државите се ориентираат кон искористување на домашните капацитети. Нашата држава со овој значаен проект за нас, ги поставува темелите на искористување на капацитетите со коишто располагаме и кои економски ќе се одразат позитивно за сите граѓани. Проектот Чебрен, односно ХЕЦ на Црна Река се случува во време кога гледаме што значи да се биде енергетски независен и безбеден. Може да се каже дека е вистинското време, но јас би рекол дека ова требаше да се направи одамна. Особено морам да го напоменам фактот што со ХЕЦ Чебрен и домашното производство на електрична енергија, значи производство и дистрибуција до домаќинствата по многу пониска цена на електрична енергија од она што денеска граѓаните го плаќаат, чувствувајќи ги директно последиците од енергетската криза, истакнува Нуредини.
Процесот на доставување понуди заврши по што е во тек втората фаза на евалуација на доставената понуда од компанијата „ППС“ од Грција како единствена компанија што помина во оваа фаза, вели Нуредини, одговарајќи на прашањата дали овој проект конечно ќе успее и до каде е постапката за избор на фирма партнер која ќе ја гради хидроцентралата. Вели дека се останати уште помалку од 30 дена од фазата на евалуација.
– Имаме помалку од 30 дена за завршување на евалуацијата и проверка на доставената документација. Доколку е се во ред се понудата, следната фаза на овој проект е потпишување на договорот за Чебрен. Овој проект е изводлив и ќе успее. Особено знаејќи дека Чебрен е еден од најважните и најголеми инфраструктурни проекти во нашата држава. За доброто на државата и за граѓаните е овој проект да успее, дополнува Нуредини.