четврток, февруари 22, 2024
spot_img
Повеќе

    Неофицијално: Владата одлучила да го додели повикот на ЕВН за нов универзален снабдувач

    Упатените во постапката за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, неофицијално откриваат дека Владата одлучила на ЕВН да биде избор за универзален снабдувач, поради што постојат сомневања дека критериумите за останатите заинтересирани би можеле да бидат ограничувачки, што на крај може да ги потврди сомнежите дека изборот на универзален снабдувач за следните пет години ќе биде политичка одлука.

    Владата на 11 декември го објави јавниот повик за универзален снабдувач на струја за домаќинствата и малите потошувачи, а на пазарот, освен ЕВН Хоум, интерес пројавија и други компании од овој сектор. Условот е понудувачите да имаат обезбедено работен капитал во вредност од 40 милиони евра.

    Најсериозна конкуренција на овој повик доаѓа од ЕДС, зад која стои грчката ППЦ која има годишни приходи од близу 11 милијарди евра и има своите претставништва во повеќе земји низ југоисточна Европа.

    Петгодишниот договор со ЕВН Хоум истекува следната година, а оваа компанија на 1 јули 2019 беше избрана за универзален енергетски снабдувач на струја, со понуда за маржа од 11,5 проценти.

    Аналитичарите во енергетскиот сектор се согласни дека со зголемениот интерес за учество на повикот за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе се овозможи здрава конкуренција и намалување на маржата за снабдувачот, а тоа на крај би резултирало со пониски цени на електричната енергија за граѓаните.

    Министерот за економија Крешник Бектеши веќе најави дека на новиот повик за универзален снабдувач за снабдување со електрична ќе се бараат помали профитни маржи од сегашната 11,5 проценти од компаниите што ќе конкурираат. И според Бектеши, ваквото барање ќе придонесе да се намали цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Но, тоа може да се случи само доколку ЕВН Хоум има вистинска конкуренција на јавниот повик.

    (a1on.mk)

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ