четврток, мај 2, 2024
spot_img
Повеќе

    Напролет ќе стартува првата домашна Берза на струја

    Во април или мај догодина се очекува да стартува првата домашна Берза на струја, најави директорот на МЕМО, Симон Шутиноски. Според него, конечно ќе добиеме референтна цена на струјата, која сега се пресметува според унгарската берза ХУПЕКС, која е поразлична од онаа цена која би била во Северна Македонија.

    Берзата на електрична енергија ќе се тргува по принципот ден однапред, што значи купување и продавање на енергија од денеска за утре, а подоцна и по принципот во текот на денот, односно купување и продавање истиот ден кога се врши тргувањето.

    Веќе се завршени правилата за тргување со берза и се очекува до крајот на февруари 2023 година нив да ги усвои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) по што ќе почне пробниот период на работа на берзата.

    На берзата, како што нагласи Шутиноски , ќе може да тргуваат сите оние кои сакаат да учествуваат во трговија на големо со електричната енергија, односно сите оние производители на електрична енергија кои сакаат да ја продадат својата енергија, транспарентно, на недискриминаторен начин и сите оние снабдувачи и трговци на електрична енергија кои сакаат да купат енергија на истиот начин од берзата на електрична енергија.

    – Берзата на електрична енергија е пракса во цела Европа, како и во целиот свет. Ние заедно со целиот регион сме некаде на крајот од Европа со имплементирање на овие делови од европското законодавство. Берзата на електрична енергија се прави затоа што таа гарантира за трансакциите на електрична енергија на големо кои се случуваат при трговијата на електрична енергија, односно е сигурност за тргување и за продавање на електрична енергија од производителите, а и сигурност за оние кои купуваат дека таа трансакција ќе се оствари. Берзата кај нас првично ќе почне да работи во сегментот ден однапред, што значи тргување со електрична енергија од денес за утре и со тоа конечно во Македонија ќе се добие референтна цена на електрична енергија, посочи директорот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО, Шутиноски.

    Тој порача дека државата во моментов нема создадено референтна цена на електрична енергија поради непостоење на организирано тргување.

    Договор со берзата, како што кажа, ќе треба да склучи секој трговец на берзата, а цената на електричната енергија ќе зависи од пазарот на тргување, односно од понудата и побарувачката.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ