сабота, јули 20, 2024
spot_img
Повеќе

    МЕПСО во 2023 година ќе инвестира 16 милиони евра сопствени средства во преносната мрежа

    Електропреносниот систем оператор МЕПСО во 2022 година реализира 42,48 отсто од генералниот инвестициски план, што е двојно повеќе од процентот на реализација на инвестициите во 2021 година. За следната година има поамбициозен план и со сопствени средства планира инвестиции во преносната мрежа во износ од 16 милиони евра.

    -Состојбата во електропреносниот систем генерално ја оценуваме како одржлива и со минимални отстапувања или отстапувања во рамките на прифатливото така што не очекуваме потешкотии за управување со системот. Очекуваме истиот тренд да продолжи и понатака, изјави генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани.

    Посочи дека барањето што го поднеле до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за покачување на преносната тарифа за 29,7 проценти од 1 јануари идната година е врз основа на високите цени за покривање на загубите во преносната мрежа.

    -Ние веќе сме пред склучување на договор со ЕСМ по цена од 220 евра по мегават час за покривање на загубите во системот. Тоа е прилично висока цена која што врши притисок врз нашата преносна тарифа. Притисок вршат и високите цени за електрична енергија за сопствените потреби на управната зграда и сите објекти коишто се во сопственост на АД МЕПСО, меѓутоа и закупот на балансниот капацитет којшто навистина ни прави голем притисок врз расходната страна, посочи Муртезани.

    Се потрудивме, додаде, тоа да биде во рамките на прифатливото без да создаваме поголемо покачување на цената.

    -Колку и да се зголеми цената на нашата преносна тарифа тоа нема да има влијание над 5 отсто врз вкупната цена на електричната енергија во земјата, потенцира Муртезани.

    Во одговор на прашање посочи дека во барањето за цената не се вклучени и долговите што ги имаат компаниите кон МЕПСО поради недозволено повлекување на електрична енергија од системот.

    -Тоа не ни претставува трошок, а и да претставува трошок Регулаторот не го зема предвид при изготвување на новата тарифа. Ако некој влече струја од нашата преносна мрежа таа струја ќе треба да се плати и покрие. Доколку страната што влече струја не ја прифаќа таа влечена струја тогаш ние сме должни да постапиме согласно закон и да потегнеме судска процедура, така што има основ таа струја да се наплати. Ние навремено постапивме согласно закон и согласно одредбите од договорот и се блокирани сметките на сите фирми коишто навремено не ги извршуваат своите обврски. Од време на време добиваме и средства, така како што влегува прилив на нивните сметки. Истовремено ги потегнавме и сите судски процедури за тие побарувања да се наплатуваат по судски пат, појасни Муртезани.

    До МЕПСО, како што кажа, во моментов стигнуваат 10 пати повеќе барање за приклучоци на обновливи извори на енергија – фотоволтаични и ветерни електрани- отколку што реално може да приклучи во системот и да нема проблем со балансирањето на енергијата.

    -Согласно новиот Закон за енергетика ние веќе подготвуваме внатрешна процедура со која се обидуваме да создадеме полесен начин за да им овозможиме на брз начин да бидат вклучени посериозните инвеститори коишто сакаат да инвестираат во земјава. Како ние ќе стигнеме до тоа од тој огромен број апликации до тие инвестиции коишто може да се реализираат денес не може тоа да го кажеме. Меѓутоа, правиме се што можеме во склоп на капацитетот за пренос тие извори на енергија да ги приклучуваме колку што е можно повеќе, потенцира Муртезани.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ