петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    „МЕПСО“ вложува 3,18 милиони евра во реконструкција на ТС „Битола 2“

    АД „МЕПСО“ ќе ја реконструира 400/110 kV трансформаторска станица „Битола 2“, која има витално значење за енергетскиот сектор во земјава.

    Со реконструкцијата ќе биде сменета старата опрема, која не е заменета 38 години, со нова високонапонска опрема за што ќе бидат вложени 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој. Според договорот, проектот треба да заврши во рок од три години, а за реконструкцијата е задолжен хрватски „Далековод“ кој е избран за најповолен понудувач на меѓународен тендер согласно условите на Европската банка за обнова и развој.

    Договорот за реконструкција денеска во Скопје го потпишаа генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева и претставникот на „Далековод“, Никола Маџар, а на чинот на потпишување присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

    Според генералната директорка на АД МЕПСО, ова вложување е уште едно во низата инвестиции за стабилен и доверлив систем, за да се сведат на минимум ризиците од испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и да се намалат трошоците во работењето на компанијата.

    За министерот за транспорт и врски, модернизацијата на оваа трафостаница само ја потврдува стратешката заложба на државата за стабилен енергетски систем во југозападниот дел од преносната мрежа.

    ТС „Битола 2“ има стратешко значење во енергетскиот систем на земјава бидејќи на неа се приклучени РЕК Битола како најголем производител на електрична енергија во земјава, како и рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со електроенергетскиот систем на Грција.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ