сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    МЕПСО под сајбер напад

    Македонскиот електропреносен оператор (МЕПСО) АД Скопје се соочува со сајбер напад, но, како што соопшти вчера прес-тимот на МЕПСО, целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени.

    Од МЕПСО истакнуваат дека критичната електронегетска инфраструктира не е предмет на нападот, безбедна е и целосно функционална.

    – Во услови кога целиот свет се соочува со негативен глобален тренд на кибер напади и нашата компанија не остана имуна на тоа. Иако АД МЕПСО ги има превземено сите мерки за заштита од кибер напади од највисок степен сепак деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем ја информираме јавноста дека крититичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој кибер напад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени, наведува МЕПСО во соопштение.

    Оттаму велат дека инцидентот е пријавен кај сите надлежни институции согласно препораките и правилата за кибер безбедност.

    Од страна на нашите стручни служби се преземени сите мерки за ублажување на ефектите од овој кибер напад и во соработка со експерти од областа работат на нормализирање на секојдневната работа на компанијата, се наведува во соопштението.

    Меѓународна помош за надминување на проблемот со хакерскиот напад врз МЕПСО

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека се работи на надминување на проблемот со хакерскиот напад во АД МЕПСО со цел да се врати во функција тековното работење на компанијата.

    Во изјава за медиумите, Бочварски рече дека најважно е тоа што критичната инфраструктура е заштитена и што непречено се одвива снабдувањето со електрична енергија кон граѓаните и компаниите.

    – Информирани се сите домашни и меѓународни институции и се работи и со домашна и со меѓународна поддршка во делот на надминување на сите овие прашања со цел комплетно да се врати во функција тековното и редовно работење на компанијата, рече Бочварски.

    Ваквите сајбер напади, како што рече, не се нови и се случуваат и во другите држави од регионот.

    Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој хакерски напад трае три дена и дека се потрошени 5 милиони евра за сајбер одбрана на МЕПСО.

    „Веќе 3 дена МЕПСО не функционира, без комуникација е со потрошувачите, но и со преносните опреатори со сите земји од Европа преку Swissgrid. МЕПСО е „слеп“ во моментот, функционира стихијно и без план како ќе се надмине овој проблем. Веројатно сопственикот на МЕПСО – Владата на Македонија ќе го реши овој проблем исто како што ги реши дојавите за бомби во училиштата, со игнорирање“, реагираат од таму.

    Сепак, како јавува “Телма”, за компаниите кои тргуваат со струја проблеми има бидејќи од понеделникот ниту еден производител, снабдувач или трговец со електрична енергија не може да добие податоци и да има навремен увид во податоците за својата работа односно потрошувачката на неговите клиенти, дали и колку треба да наплати за потрошеното во овие пет дена, а исто така фирмите не може да направат закуп на капацитети во странство доколку работат за странство а поради тоа секога постои ризикот за дебаланс на мрежата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ